Самостојниот синдикат на индивидуалните земјоделски производители (ССИЗП) од Кочани бара поддршка од Владата заради надминување на сериозните финансиски тешкотии и проблемите со ликвидноста на земјоделците, посебно кај оризопроизводителите, предизвикани од лошите откупни политики и влијанието на ковид пандемијата.
На денешната прес-конференција беше нагласено дека институционалната исклученост на претставници на индивидуалните земјоделци оневозможува да се слушнат нивните ставови, идеи, проблеми и интереси, поради што тие станале социјално најранлива група, без можност да ги сервисираат заостанатите и тековни обврски.
Притоа, упатија десетина барања до Владата, со предлози за надминување на состојбата.
– Бараме итна и целосна исплата на субвенциите на оризопроизводителите до крајот на декември, Владата да го отфрли предлогот на министерот за економија со кој ќе се „замрзнат“ малопродажните цени на оризот, како и итно утврдување на откупни цени на оризовата арпа во опсег од 25-30 денари за килограм, а на белиот ориз од 55-60 денари.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бектеши најави можно замрзнување и на цените на оризот и јајцата
Тие се реални во однос на вложените производни трошоци, но и во однос на берзанските цени во Италија, кои се движат од 410 до 575 евра по тон за арпата.
Исто така, бараме измена на Предлог-законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од ковид пандемијата со цел да бидат опфатени и оние земјоделци кои ја преработиле оризовата арпа кај регистриран откупувач и истата ја предале како бел ориз, истакна Ставре Јанев, претседател на Самостојниот синдикат на индивидуалните земјоделци.
Индивидуалните земјоделци бараат средба со премиерот за да ги достават и барањата што се однесуваат на бришење на каматите за обврските кон Фондот за здравствено и за пензиско осигурување и одложено плаќање на долговите во наредните 24 месеци, ослободување од аконтативно плаќање на персоналниот данок при откупот, како и ослободување од т.н. прогресивно оданочување.
ССИЗП бара земјоделците да бидат ослободени од плаќањето закупнина на државно земјоделско земјиште за 2021 година, да се воведе строга контрола на квалитетот и ограничување на трговските маржи, но и да им се овозможи слободен увоз на потребните репроматеријали и заштитни средства.
Дополнително, се предлага соодветна застапеност на земјоделците во управни одбори, комисии и други тела кои носат одлуки, политики и стратегии што се однесуваат на нив, како и формирање на Национален совет за земјоделство со претставници на земјоделците од сите производни региони, а со кој би раководел премиерот или ресорниот министер.
Исто така, се бара забрана на неконтролирано испуштање на водата од акумулациите, контрола на реките и водотеците од загадување и решавање на сите заостанати предмети за денационализација на земјоделското земјиште.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА