еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

СДСМ формираше работна група за разговори со ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени

Централниот одбор (ЦО) на СДСМ синоќа донесе одлука за формирање работна група за продолжување на разговорите со ВМРО-ДПМНЕ и сите други парламентарни политички партии за операционализација на следните конкретни чекори околу уставните измени.

Работната група ќе ја предводи генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ.

– ЦО му дава апсолутна поддршка на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски и работната група да продолжат со напорите за обезбедување широк консензус за уставните измени, а со тоа и продолжување на европскиот пат на земјата, изјави по седницата на ЦО, Богданка Кузеска, портпарол на СДСM.

Кузеска информираше дека ЦО оценил дека е добро што на средбата со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е воспоставен дијалог во исклучително важен момент, како и дека го поздравуваат првиот чекор што го направил Мицкоски со прифаќањето на уставните измени.

На прашањето дека Мицковски го демантираше ставот дека ги прифатиле уставните измени, како и тоа дека побара оставка од премиерот Ковачевски, Кузевска одговори дека со изјавата станувало збор за условите околу уставните измени, а не и за содржината на уставните измени.

– Оттука е заклучокот дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ги прифатија уставните измени, со што направија промена на ставот, рече таа.

Во однос на тоа како ќе се дојде до заедничко решение од кога да бидат во важност уставните измени со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ смета дека тоа треба да биде пред формализрањето на членството на државата во ЕУ, а за СДСМ втората меѓувладина седница, Кузеска рече дека сето тоа се предлози, услови и барања.

– Ова сега што го кажувате се предлози, услови, барања. Што значи дека лидерската средба покажа дека е добра основа за преговорите, односно разговорите со ВМРО-ДПМНЕ да продолжат, изјави Кузеска.

На прашање како го коментираат тоа што ДУИ се согласи дека може да излезе од коалицијата за ВМРО-ДПМНЕ да влезе, таа одговори дека чекорот кој што го направи ДУИ е во името на носење на уставните измени, односно влез на земјата во Европската Унија.

– Нема партиски калкулации и партиски интерес, туку се гледа само интересот на граѓаните и државата, односно носење на уставните измени, а со тоа влез во ЕУ, рече Кузеска.

Дополни дека на седницата не се разговарало ништо во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за оставка на премиерот Ковачевски.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Проф. Трајковски: Се враќаме во нормализација со Ковид-19, нов бран не би требало да се појави порано од 5 месеци

Редакција

Руската елита размислува за атентат врз Путин, тврди Украинското министерство за одбрана

Редакција

Велешанец ја тепал, дрогирал и наведувал на проституција сопругата

Редакција