Во врска со изјавата за Financial Times на грчкиот премиер Алексис Ципрас, во која посочува дека јас како премиер никогаш не сум сакал да разговарам за изнаоѓање решение за прашањето кое Грција веднаш по независноста го отвори во врска со нашето уставно име, сакам да посочам дека всушност г-дин Ципрас никогаш не предложил такви разговори кои јас сум ги одбил, напиша екс премиерот Никола Груевски на својот Фејсбук-профил.
Ви пренесуваме дел од неговиот статус:
„Впрочем, пред неговото доаѓање за премиер, водев интензивни разговори со г-динот Папандреу со кого имавме 10 лично средби по ова прашање, но за жал заради познатите грчки позиции или црвени линии како што тие ги нарекуваа, не дојдовме до решение, кое подоцна би го предложиле на граѓаните на референдум.
Крајот на мојот мандат и почетокот на мандатот на Ципрас се поклопија само една година, а тоа беше од почетокот на 2015 до почетокот на 2016 година.
Со г-динот Ципрас се сеќавам на само две меѓусебни комуникации. Првата, кога по неговиот избор за премиер на Грција, некаде во февруари 2015 имав телефонски разговор на мој повик чија цел беше да му ја честитам функцијата премиер и да воспоставиме првична комуникација и обид за соработка.
Во тој разговор, јас нему, а не тој мене, му предложив оној момент кога ќе биде подготвен да се сретнеме и разговараме за наоѓање решение по однос на прашањето заради кое Грција ги блокираше нашите европски и евроатлантски интеграции, посочувајќи дека времето и местото за средба може тој да ги избере. Неговиот одговор беше формално гледано позитивен и рече дека штом ќе биде во можност ќе ме побара за да разговараме за тоа прашање. Никогаш потоа не се јави.
Главно заради две причини.
Првата, затоа што реално 2015та година Грција беше во длабока економска и финасиска криза и негов врвен приоритет беше справувањето со таа криза која бурно започна во 2008 година.
Сите премиери и водачи на земјите од ЕУ и пошироко имаа разбирање за неговата нефокусираност и незаинтересираност за изнаоѓање решение со нас во едно такво време, бидејќи и за нив и за нивните банки кои позајмуваа на Грција финасиската криза во Грција им беше далеку поприоритетна.
Впрочем, политичката атмосфера во Грција во таа година исполнета со секојдневни масовни протести и демонстрации, некои од нив со по 250.000 граѓани пред парламентот, мотивирани од катастрофалните трендови во економијата и на животниот стандард, не оставаше надеж дека тој има време и политички простор да решава други крупни прашања.
Во таа година откако беше назначен во февруари, имаше референдум во јули, губење на мнозинството во август и избори во септември, качуваа даноци, смалуваа плати и пензии, добиваа спасувачки пакети тешки стотици милјарди евра, се справуваа со ММФ, ЕЦБ и ЕК по тие прашања и очите на целиот свет беа вперени во нив заради финасиската криза која се рефлектираше на останатиот свет.
Ципрас трчаше помеѓу Москва, Берлин и Вашингтон да бара решение за финасискиот колапс, примаше честитки од Фидел Кастро за победата на големото „ОХИ„ на референдумот кое кратко потоа беше принуден да го напушти, се справуваше со секојдневни штрајкови на земјоделците, синдикатите и народот генерално, а во еден момент мораа да запрат со работа сите банки во Грција.
Кога истата година на една средба со претседателот на Европскиот совет, Ван Ромпуј во Брисел замолив за поголем ангажман од Унијата и него лично да се изврши притисок врз Грција да го реши спорот со нас и да не деблокира за нашите стратешки интеграции, по молчење и размислување од неколку секунди мошне искрено ми одговори отприлика вака: „доколку некој висок политичар во светот, во овој период Ви вети дека ќе се заложи за ова Ваше барање, знајте дека не е искрен со Вас.
Затоа што наш клучен приоритет е како да се стабилизира финасиската криза во Грција и да почнат да си ги враќаат долговите кон нас. И доколку има најмал простор за притисок во овој период, верувајте дека ќе биде искористен во правец на мерките за финасиска стабилизација, а не за ова прашање. Вие имате два избора: или да ги прифатите сите грчки услови и барања и така да излезете од проблемот или да почекате“.
Втората причина заради која Ципрас не се одзва на мојот повик за разговори околу прашањето кое не блокираше е затоа што на почетокот на 2015 во Македонија започна политичката криза и толку видливата операција во обид за промена на владата заради промена на името, со што г-дин Ципрас сосема логично одлучи дека е подобро да го почека расплетот на кризата и евентуален успех на зацртаната цел на таа операција, што за неговата земја ќе значеше, како што и подоцна се случи, доаѓање на нова влада во Македонија која однапред ќе има дадено согласност и даден збор дека доколку биде инсталирана ќе ги прифати грчките позиции и на тој начин со привиден и одглумен компромис и преговори, ќе се затвори прашањето целосно во грчка полза.
Едноставно тој процени дека ако почека, може ќе има далеку за нив подобар соговорник кој е спремен на далеку поголеми остапки во однос на националните прашања, името, идентитетот, историјата…
Целиот статус ТУКА.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ципрас: Сакав да најдеме решение за името со Груевски, но тој одбиваше
Фото: Фејсбук/Груевски