Лага е веста дека јас или партијата ВМРО-ДПМНЕ сме организирале упад во Собранието на 27ми април 2017, напиша на неговиот фејсбук профил поранешниот премиер Никола Груевски, откако Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го објави обвиниението, според кое тој, Трајко Вељановски, Миле Јанакиевски, Спиро Ристовски, Владимир Атанасовски и Никола Бошковски, во 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата.
„Лага е и информацијата дека сум ги повикал граѓаните да не седат во папучи дома туку да излезат и насилно да влезат во парламентот. Изјавата на која веројатно се мисли е дадена два месеци пред настанот во вестите на Сител ТВ и е одговор на прашањето дали сметам дека Тиранската Платформа ја нарушува унитарноста на земјата, на што одговарам потврдно и посочувам дека само народот може да го спречи тоа алудирајќи на нови избори кои тогаш веќе ги посакувавме одкако не успеа правењето коалиција со ДУИ.
Лага е дека сум дал инструкции на тогашниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски да го спречи изборот на нов претседател на Собранието, ниту пак мислам дека тој го направил тоа или дека воопшто можел да го направи“, вели Груевски.
Според него, лага е дека Спиро Ристовски и Миле Јанакиески имале добиено инструкција од партијата да мобилизираат членство за насилен упад во Собранието со цел тепање на пратениците или со било каква цел.
„Ниту пак мислам дека го правеле тоа. Лага е дека имам било каква поврзаност со наводни активности на УБК поврзани со инцидентите на 27 април.
Тогашните мирни протести организирани од граѓанската иницијатива нам како партија ни одговараа бидејќи имавме иста позиција во врска со Тиранската платформа. Но, нагласувам: МИРНИ протести. И сосема нормално било нашите членови да учествуваат на такви МИРНИ протести, повикани или неповикани од било кој“, пишува Груевски.
Тој додава дека во никој случај ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту тој лично како тогашен нејзин претседател, а ниту на организаторите од граѓанското движење, или обвинетите, не им одговарало ниту ни паднало на памет насилен упад во Собранието или тепање на пратеници.
„Партијата никогаш немала таква одлука за насилен влез во парламентот и тепање пратеници, ниту пак актите на партијата дозволуваат таква одлука. Јас лично не сум дал било каква инструкција било кому а во правец на насилен упад и тепање пратеници.
Ниту на денот на настанот или претходниот ден кога бев на службен пат во Виена, ниту претходно, било кому сум издал инструкција дека треба да се организира насилен влез во парламентот и тепање пратеници.
Одредени медиуми шпекулираа дека намерно тој ден сум бил на службен пат знаејќи што ќе се случува и сакајќи да одбегнам одговорност. Тоа не е точно. Моето патување беше договорено околу две недели претходно, а самите челници на СДСМ објавија (мислам за неделникот Фокус), дека одлуката за тоа токму тој ден да се избере претседател на Собранието (на незаконски и неуставен начин) ја донеле токму тој ден попладнето, на 27 ми април, кога ги контактирале представниците на ДУИ, се сретнале во клубот на пратениците и се договориле за попладневната акција“, вели Груевески.
Според него, оттука претходниот или претходните денови или недели не можеле да знаат дека токму тој ден ќе се случи незаконскиот избор на претседател на парламентот.
„Поправо би рекол, дека тие брзале да го искористат моето отсуство од земјата за да полесно предизвикаат тензии и инциденти во кои би поставиле “стапица” за граѓаните кои протестираа и освен нив би го обвиниле ВМРО-ДПМНЕ за сето тоа, па од тоа да имаат политичка корист.
Меѓусебни известувања со праќање или пак препраќање пораки меѓу политичарите тогаш, за нешто што сме слушнале како информација, шпекулација, гласини или слично во таков тензичен период е сосема нормална работа, и тогаш, и денес, и во иднина. Многу од тие меѓусебни препраќања пораки за тоа кој што чул или што се зборува во кулоарите на парламентот или на други места се покажале неточни.
Новото обвинение за 27 ми април исто како и претходното е политички мотивирано и конструирано. Ако претходното обвинение беше во функција на промената на името, идентитетот, уставот и историјата, новиот случај е во функција на следните парламентарни избори.
Правната квалификација за која се товарат обвинетите неодамна беше предмет и на шведското судство, одкако еден од учесниците во настаните по потерница беше уапсен во Шведска.
Шведскиот суд го отфрли барањето за екстрадиција, а обвинението за „27ми април“ го оцени како нереално и политички мотивирано, посочувајќи дека станува збор за граѓански бунт, а не за терористичко уривање на уставниот поредок. Исто така беше посочено дека во Македонија не постојат услови за фер судење. Вистината, порано или подоцна ќе исплива на површина“, завршува Груевски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Фејсбук/Груевски