еМагазин
Image default
Забава ТОП СТОРИИ

Се затвора „Кино Култура“

Крајот на 2020 година го одбележа и крајот на работа на проектниот простор Кино Култура, информираат од таму.

„Го отворивме во декември 2015, и во текот на овие, скоро пет години, поединци, соединети преку две организации (Театар Навигатор Цветко и Локомотива) развиваа простор кој пред сè беше замислен како ново место за театар, танц, перформанс, но и за останати содржини кои доаѓаат од пошироката културна и граѓанска сцена.

Го замисливме како простор кој на некој начин ќе ја продолжи мисијата на Мала Станица, еден простор во кој во 90те некои од нас учевме како да создаваме вонинституционална култура, да креираме нов театар, но и изложби, филмови, и други активности, – заедно со другите организации и поединци.

Некои од нас, тогаш студенти, работејќи учеа, создаваа, а и по затворањето на Мала Станица продолжија, развија други иницијативи….

После долги години самостојно работење, повторно се соединивме преку организациите во кои дејствуваме, вклучувајќи ги своите соработници, стари и нови, како и партнери, стари и нови.

Решивме заедно, во понаков облик да ја продолжиме идејата, или да ја прошириме и да направиме еден простор кој ќе даде можност, нови, млади, да создаваат, и ние да продолжиме и ги прошириме своите идеи.

За нас Кино Култура никогаш не беше зграда, беше идеја, желба да се продуцира нов театар, перформанс, танц, и други, нови содржини на сцената.

Почнавме во време кога немаше место каде да се видиме, соединиме, разговараме и организираме, да се спротиставиме на едни репресивни политики, и да продуцираме содржини и знаење.

Направивме заедно повеќе од 30 продукции, донесовме повеќе од 500 меѓународни уметници, над 1.000 дебати, предавања, конференции, работилници, детски програми и уште многу други содржини.

Но, најмалку се важни бројките, креиравме идеја за заедничко работење, за инклузија, за развој, дадовме можност просторот да се гради себе си низ содржините и соработките. Ова не ќе беше можно без поддршката на Општина Центар, и на неколкуте спонзори, на што сме особено благодарни.

Ја завршивме оваа приказна за овој простор, после долга финансиска агонија, недоволна политичка волја за поддршка, но и покрај тоа, сакаме идејата да продолжи и понатаму…

Си одиме од просторот, но идејата за Кино Култура како простор на слобода, кој ќе се гради низ соработка, каде ќе се продуцира и гледа еден поинаков театар, танц, уметност воопшто, каде ќе се мисли поинаку, продолжува понатаму.

Да не беше Ковидот, ќе направевме голема забава за затворање, која ќе значеше и отворање на нови видици и чекори напред.

Жал ни е што и покрај несомнените успеси и динамизација на македонската, а особено скопската- оф култура, не ја добивме неопходната поширока поддршка од државата, од оние кои можат преку креирање на добри политики да потпомогнат ваква и слични идеји да растат, да се развиваат да живеат.

Одиме понатаму и ќе целиме, ќе заговараме, и ќе се бориме да создадеме достоен простор, институција за современи изведувачки уметности, сè со надеж дека јавноста и политиката еден ден ќе препознаат дека нашиот идентитет е пред сè културата“, информираат од „Кино Култура“.

Фото: Фејсбук/Кино Култура

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Денеска само 7 нови случаи на Ковид-19, сите во Скопје

Редакција

Собранието изгласа продолжување на кризните состојби заради недостиг на електрична и топлинска енергија

Редакција

Во блок-трансакција на берзата продадени акции од Стопанска банка Битола за 130.000 евра

Редакција