Денеска во Основниот суд Скопје 1 Скопје, на главната расправа при произнесување за вина, седумтемина македонски државјани обвинети за Учество во странска војска, паравоени или параполициски формации, а едно лице обвинето и за кривично дело Терористичка организација, ги признаа делата што им се ставаат на товар, инфромираат од Обвинителство.
„Во август минатата година, во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили, обвинетите беа лишени од слобода и предадени на македонските органи на прогонот.
По спроведена истрага, во декември минатата година од страна на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Основниот суд Скопје 1 Скопје, беше поднесено обвинение против седум лица.
Обвинетите со намера да станат учесници во паравоените формации ја напуштале територијата на Република Македонија и заминувале на обука во Сирија каде и учествувале како борци на ИСИС во војните во Сирија и Ирак.
Обвинетиот кој се терети за две кривични дела – Учество во странска војска, паравоени или параполициски формации и Терористичка организација бил припадник и на терористичката организација „Исламска држава“.
Освен учество во паравоените формации надвор од Република Македонија, обвинетите обезбедувале, собирале финансиски и материјални средства за лица кои учествуваат во овие формации, преку социјалните мрежи и друг вид на комуникација повикувале, врбувале и поттикнувале други лица на учество во паравоените формации надвор од Република Македонија“, се вели во соопштението.