еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Шпанија ја поддржува евроатлантската перспектива на Западен Балкан, порача шефот на шпанската дипломатија од Скопје

Сакам да го пренесам обновениот интерес на Шпанија и нашата поддршка во вашиот процес на пристапување кон Европската Унија, што ќе биде многу присутен од јули оваа година. Отворањето на преговорите во јули минатата година е еден голем чекор. Шпанија ја поддржува евроатлантската перспектива на Западен Балкан, како политика на ЕУ за прогресивна интеграција, изјави шефот на шпанската дипломатија Хосе Мануел Албарез Буено, на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот домаќин министерот за надворешни работи Бујар Османи.

-Минаа многу години пред министер за надворешни работи од Шпанија да дојде во овој регион. Ние сакаме да ја зајакнеме нашата соработка. Претседавањето на Шпанија со ЕУ се совпаѓа со претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и сигурно ќе има синергии меѓу нашите две претседавања и дека ќе можеме да работиме заедно за аспекти што се многу важни во овие толку сложени времиња за Европа, рече Албарез.

Тој додаде дека односите меѓу Шпанија и Македонија се зајакнуваат и стануваат уште поблиски, а напредува и економската соработка.

-Ова е земја којашто е многу привлечна за шпанските претпријатија. Најдобар пример за тоа е компанијата „Идом“ во третирањето на водите во Охридското Езеро и сигурен сум дека овој пример ќе повлече и многу други претпријатија и ќе овозможи да се зголемува нашата размена на економски план.

Шпанија планира да одржи и министерска конференција на Балканот и во контакт сме со авторитетите на ЕУ за да можме тоа да го оствариме, бидејќи тоа би боло многу важно за да може да се напредува во тој дијалог, додаде Албарез, кој е во еднодневна официјална посета на земјава.

Османи искажа задоволство што оваа прва историска билатерална посета на министер за надворешни работи од Шпанија на нашата држава се случува во предвечерието на 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи следната година меѓу двете држави и воедно во пресрет на преземањето на претседателството со ЕУ од страна на Мадрид, како силна порака на поддршка на нашиот европски пат.

Заблагодарувајќи се за константната поддршка од официјален Мадрид за нашиот евроинтегративен процес, Османи потенцираше дека Македонија останува силно посветена во исполнувањето на неопходните обврски за продолжување на процесот на пристапни преговори, како влог во нашата иднина.

-Посетата доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на Европската Унија и нашето европско досие. Да потсетам дека Шпанија на 1 јули го презема претседателството со Европската Унија од Шведска, клучен период за нас, кога според планот завршува скрининг процесот, и земјава треба да влезе во новата фаза од преговорите, а тоа е отворањето кластери и поглавја, нагласи Османи.

За таа цел, двајцата министри потпишаа Меморандум за разбирање меѓу министерствата за надворешни работи на Македонија и Шпанија за развој на соработката во процесот на пристапување на земјава во Европската Унија.

На средбата станало збор и за соработката во рамки на ОБСЕ во духот на актуелниот геополитички контекст, при што Османи, во својство на претседавач на ОБСЕ, истакнал дека Украина останува прв приоритет на претседавањето со Организацијата. Османи го информирал соговорникот дека веќе е воспоставена блиска комуникација и соработка со Високиот претставник на ЕУ и потпретседател на Европската Комисија, Жозе Борел и изразил подготвеност за синергија и синхронизирано делување на двете претседавања – ОБСЕ и Советот на ЕУ до крајот на 2023 година.

Министрите разговарале и за можностите од продлабочување на економските односи, меѓусебната поддршка во мултилатералните организации и секторската соработка меѓу двете држави, а размениле мислења и за најновите случувања во регионот на Западен Балкан и регионалните иницијативи како форма за зголемување на заемната доверба и надминување на отворените билатерални прашања меѓу соседите.

МИА/Фото: МНР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Словенија од денеска ги укинува речиси сите антиковид мерки, освен носењето маски во затворени простории

Редакција

Во Прилеп втор случај на наставничка позитивна на корона-вирусот

Редакција

(Галерија) Турција е топ туристичка дестинација летово: Работливи, гостопримливи и љубезни

Силвана Жежова