Во 2022 година прв и основен приоритет ќе претставува националниот одговор на енерегетската криза, пишува во Предлог-програмата за работа на Владата за периодот 2022–2024 година на мандаторот Димитар Ковачевски, кој вчера ја предаде на собранискиот спикер Талат Џафери.
„Конечно мора да преземеме суштински, долгорочни и стратешки мерки за да ја спроведеме енергетската транзиција. За тоа да се случи имаме План, кој ќе го комуницираме и разработиме со домашната и со меѓународната експертска јавност.
Краткорочните мерки за намалување на негативните ефекти се подготвени, но нашата цел е да започнеме енергетска транзиција која ќе овозможи Република Северна Македонија да ја стекне својата енергетска самостојност и независност базирана на обновливи извори на енергија, со зелена, достапна за сите и ценовно ефективна енергија.
Убедени сме дека за тоа имаме капацитет и знаење, идентично како што имаме цврста волја тоа да го спроведеме и да успееме,“ наведува Ковачевски во Предлог-програмата за работа на Владата за периодот 2022–2024 година.
Во програмата се наведува дека Владата ќе стори сè стапката на инфлација да биде стабилна, како предуслов за одржување на предвидливото и растечко економско окружување и активност, според обезбедениот План за поддршка и зголемување на животниот стандард и куповната моќ на населението.
Предвидено е рапидно зголемување на реализацијата на капиталните инвестиции, пред сè во стратешката инфраструктура во Коридорот 8 и регионалните и локалните инфраструктурни проекти.
„Клучна цел на економската политика на Владата ќе биде креирање на забрзан и одржлив раст на
економијата и пораст на бруто-домашниот производ (БДП) со забрзување на стапките на економски раст на среден рок од 2,5 %, на 5% просечен раст, притоа одржување на фискалната стабилност преку мобилизирање на капитал од приватниот сектор како дополнување на финансиските средства од буџетот и задолжувањата,“ се вели во програмата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Седницата за избор на нова влада во сабота
Ковачевски во Собранието ги достави предлозите за состав на новата влада и програмата за работа
Фото: Ковачевски/Фејсбук