Од утре до 10 ноември ќе трае пријавувањето на лотаријата за зелена карта за 2022 година за Соединетите Американски Држави.
Пријавувањето е преку официјалната веб страна dvprogram.state.gov, на која има целосни инструкции, кандидатите ќе можат да проверат дали се избрани преку програмата почнувајќи од 8 мај 2021 година.
Од Амбасадата на САД во Северна Македонија информираат дека учеството во лотаријата е бесплатно и им препорачуваат на кандидатите да ги спремат и поднесат своите пријави што е можно порано.
-Кандидатите смеат да побараат помош од страна на трето лице, кое ќе ја поднесе пријавата во нивно име, но секој кандидат е одговорен за тоа дали поднесените информации во пријавата се потполни и точни.
Внесување на неточни или нецелосни податоци може да доведе до дисквалификување на кандидатот, дури и откако е извлечен како добитник.
Без разлика дали пријавата е поднесена лично или со помош на адвокат, пријател или роднина, секој кандидат може да поднесе само една пријава. Поднесувањето на повеќе пријави ќе доведе до дисквалификување од лотаријата, појаснуваат од Амбасадата.
Секој кандидат треба да ја испечати потврдната страница од пријавата со својот единствен број и да ја зачува до 30 септември 2022 година, за да може да провери дали е извлечен.
Овој број е единствениот начин преку кој може да се провери дали кандидатот е избран.
МИА