еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Скопски Бетон до доверителите: Ќе ги исплатиме сите обврски

Оваа 2022 година е несомнено најтешката година на Бетон АД Скопје. После објавувањето  на загубите од работењето во 2021 година, менаџментот на компанијата подготви план за санација на компанијата, кој беше презентиран пред кредиторите и истиот беше прифатен, со што финаниските институции ја продолжија соработката со Бетон, информираат од компанијата преку Македонската берза.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонска берза го стави скопски Бетон на „Листата за набљудување“ поради блокирана сметка

Скопски Бетон лани работел со загуба

“Наплатата на побарувања постари од 3 години, како и побарувања по основ на позајмици и дадени аванси во првата половина од 2022 година се зголеми значително.

Дополнително, наплатата на побарувањата во текот на 2021 и почеток на 2022 година од тековните проекти беше редовна, додека старите побарувања од инвеститори беа во дел наплатени (црква Св. Константин и  Елена), а за наплата на останатите сè уште се водат судски постапки и се чека позитивен исход од истите (ЕВН фасада, Министерство за култура, итн.).

Сите овие средства беа наменети за подмирување на обврските на компанијата. Намалувањето на вкупните обврски спрема добавувачите споредбено со истиот период претходната година, односно состојба 30.06.2021 година споредбено со 30.06.2022 година, е за 330 милиони денари или за 44%.

Обврските кон добавувачите компанијата се поажурно ги подмирува и деновите за отплата на обврските ги намали од 256 во 2019, 186 во 2020, за да дојде до 177 дена во 2021 година.

Во првата  половина на 2022 година се намали и кредитната изложеност спрема Комерцијална банка за 110 милиони денари. Уште повеќе, во компанијата без внесени дополнителни ликвидни средства  од поврзани субјекти согласно одлуки на Собрание на акционери, со кои на прво место се санираа обврските спрема добавувачи и дел од финансиските кредитори.

Помеѓу сите горенаведени превземени дејствија за реорганизација и реструктуирање на компанијата уште во првиот квартал на 2022 година, Основното јавно обвинителство, спротивно на закон, на 19.04.2022 година донесе решение за замрзнување на имотот на компанијата, после објавата на одлуките на Собрание на акционери за продажба на дел од недвижниот имот, кој не е во функција на основната дејност на компанијата, а која продажба беше во насока на успешно реализирање на планот за реорганизација и реструктуирање на компанијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Административната зграда на скопски Бетон оди на продажба, фирмата продава имот и во Ѓорче Петров

Скопски Бетон продава хотели во Скопје и Охрид

Со тоа компанијата беше спречена навремено да одговори на барањата на кредиторите и да обезбеди ликвидни средства за реализација на веќе потпишаните договори за градење со државните инвеститори и да исплати доспеани обврски спрема своите добавувачи.

Оваа одлука на Јавното обвинителство направи непроценлива штета на компанијата, особено репутациска штета која доведе до огромни финансиски загуби, затоа што од тој момент се созаде недоверба во компанијата и во нејзината способност за регулирање на обврските, со што започнаа и најголемите блокади и на банкарските сметки и низа тужби за наплата на побарувања од страна на добавувачите со кои компанијата имала долгогодишна соработка.

Следствено, од 19.04.2022, компанијата беше принудена да го замрзне и планот за санација и да понуди алтернативни решенија на кредиторите со кое ќе се спречи и нивна реакција за наплата на своите побарувања.

Борбата со Јавното обвинителство времено се заврши кога во жалбена постапка кривичниот суд го уважи барањето на компанијата за повлекување на вондредната мерка за замрзнување на недвижностите на Бетон АД Скопје, со што компанијата можеше да располага со имотот дури од првата  половина на јуни 2022 година, после повеќе од месец и пол.

Меѓутоа планот за санација сè  уште беше неможно да се спроведе до крај сè додека не се одблокираат банкарските сметки на компанијата.

Приходната страна на компанијата значително е намалена во 2022 година. Едностран раскин на договорот спроведе најпрво Јавното претпријатие за државни патишта, со што ги активира и  гаранциите кои компанијата во почетокот на 2022 година беше приморана целосно да ги исплати.

За ова еднострано раскинување на договорот, кое дојде после констатирани недостатоци во проектот за градење, а со тоа и до значително доцнење на реализацијата на проектот, е започната постапка пред арбриражниот суд за подмирување на побарувањата согласно доставените градежни книги и ситуации, како и за штети нанесени на компанијата.

За сагата да биде уште поголема, Народна Банка, во екот на градежната сезона 2022 година, еднострано го раскина Договорот за градење на својата административна зграда, кој беше со важност до 31.12.2022 година. Овој раскин на договорот доаѓа после исцрпни преговори со раководството и координативното тело на оваа институција за да се изнајде решение за измени на истиот договор, во кои Бетон, заради променети околности (Ковид 19, пораст на цени на градежни материјали, пораст на минимална плата, војна во Украина, пораст на цена на струја, нафта и гас), официјално бараше изнаоѓање на законска рамка во која ќе може да биде обештетена за енормното зголемување на трошоците за градење, а со тоа и загубите на компанијата.

Во меѓувреме, за да го оддржи Договорот за градење во живот и да ги исполни своите обврски и покрај неколкуте измени во основниот проект за градење, компанијата ги превзема на свој терет зголемените трошоци за градење во износ од околу 5.4 милиони евра, се до изнаоѓање на законско решение со Бирото за јавни набавки и Владата на РСМ за покривање на загубите поттикнати од надворешни влијанија, иако таква можност веќе нуди Законот за облигации.

Едностраниот раскин на договорот компанијата ќе го спори преку надлежните судови во државава и ќе бара надомест на енормни штети. На крај, заради едностраното раскинување на Договорот за градење, НБРСМ ги активираше и гаранциите во износ од 2.5 милиони евра и дополнително ја блокираше банкарската сметка на компанијата за дополнителни 2.5 милиони евра за исплата на штети, со што се создаде паника и во банкарскиот сектор.

Во последните неколку денови, кредиторите на Бетон АД Скопје донесоа одлуки да ги доспеат сите кредитни рамки на компанијата со што Комерцијална банка, Стопанска Банка Скопје, Халк Банка и НЛБ Банка ги активираа своите хипотеки, како и мениците, со што пристапија кон постапка на извршување на целиот недвижен и подвижен имот на компанијата до подмирување на своите побарувања.

Компанијата е задолжена и за гаранциите кои компанијата ги обезбеди преку своите кредитори спрема инвеститорот Синохидро за изградба на автопатот Миладиновци – Штип и кои гаранции се уште не се згаснати иако компанијата има добиено потврда од својот инвеститор за успешно завршена работа.

Причината за тоа е што Владата на РМ се уште не превзела соодветни чекори за надминување на  административните проблеми со проектот за изградба на автопатот Миладиновци – Штип, чиј  инвеститор е ЈПДП, а изведувач Синохидро и во кој Бетон АД Скопје и Гранит АД Скопје се  јавуваат како подизведувачи, а кој проект е завршен повеќе од 3 години и со тоа и ослободување на гаранциите кои и Синохидро ги обезбедил спрема инвеститорот ЈПДП.

Овие гаранции се во износ од над 12 милиони евра, средства од рамките кои компанијата не беше во можност да ги користи за да учествува на нови тендери повеќе од 1 година и кои значително имаа допринос во неликвидноста на компанијата.

Уште повеќе, извршувањето банките го спроведуваат на целосните рамки на компанијата, вклучувајќи ги и гаранциите кои веќе треба да бидат згаснати.

Во јавноста излегоа паушални коментари и анализи за работењето на Бетон АД Скопје, извадени од контекст од соопштенијата на компанијата кои се сомневаме дека имаат за цел дополнително да го разрушат кредибилитетот на компанијата и на менаџментот, не земајќи ги во предвид фактите и контантните пречки поставени од државните институции.

Еден од најфрапантните примери за ова е неможноста компанијата сè уште да го предбележи веќе  изградениот хотел во центарот на Скопје, за кој има градежна дозвола. Имено, Катастарот на РМ одбива да го направи истото, поврзувајќи ги законските обврски со политички препукувања и покрај тоа што има добиено конкретни насоки од Кривичниот суд да го спроведе предбележувањето и потврда дека за тоа не постојат никакви законски печки.

Вредноста на активата на компанијата, како и побарувањата од изработените и неисплатени  ситуирани работи, како и потенцијалните обештетувања кои ги очекуваме како завршница на сите судски процеси заради нерегуларно раскинување на договори, се драстично поголеми од  обврските што ги имаат доверителите и истите ќе бидат подмирени во целост“, велат од компанијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Убава вест: 1.565 оздравени од Ковид-19

Редакција

Пораст на приходите на „Прилепска пиварница“

Редакција

Министерот за економија Крешник Бектеши позитивен на Ковид-19

Редакција