еМагазин
Image default
ЖИВОТ

Сливова ракија препеченица годинава колку за проба

Надалеку прочуената сливова ракија, која жителите на кичевско-бродскиот регион ја добиваат од сливи трновки, годинава ја нема речиси ни за лек. Кај добар дел жители од регионот, годинава нема ни да зачадат казаните, бидејќи нема што да печат.

Ги запрашавме жителите во повеќето рурални средини, дали годинава ќе биде богата со сливова ракија, а тие безмалку со ист одговор, дека сланата во екот на цветањето во втората половина на април е причината зошто не родија сливите трновки и беше повеќе од јасно дека без очекуваниот род, ќе нема ни првокласна сливова ракија.

– Родот на сливите трновки во нашиот крај целосно потфрли и тоа е причина зошто годинава нема да правиме од нашата прочуена ракија препеченица од сливи трновки, според многу проценки подобра и од виски.

За жал, во екот на цветањето, слана ги пресече сливите трновки, што ја сруши нашата надеж дека и годинава ќе имаме ракија за зимските месеци, за празниците и пред сè за Водици.

Откако сливите воопшто не родија, ни преостанува да ги користиме резервите ракија од претходните години, кога родот беше богат, а количествата на добиената ракија доволни и нешто да остане за вакви сиромашни години, вели Миле Стојкоски од Бродско.

Жителите на некои села за да не останат без тазе ракија, утеха пронајдоа во набавка на грозје од кое ќе испечат лозова ракија, која ни оддалеку не е приближна на квалитетот на домашната сливова ракија, но велат барем да има нешто за празниците.

– Нашите очекувања дека годинава родот на сливите трновки ќе биде добар и кога најмалку се очекуваше во два ноќи падна слана која ги пресече сливите, а нас нè остави без планираните количества домашна сливова препеченица.

Но, утеха ќе пронајдеме во гроздовата ракија, која делумно ќе ја замени сливовата и која ќе ја добиеме наредните недела-две. Инаку, претходните години, кога родот на сливите трновки беше многу добар, се случуваше да добиеме и до 300 литри препеченица, која е мевлем на рана и лек за многу болести, вели Раде Петрески од Беличка Река, уживател во сливова препеченица, која потоа ја става во специјални дрвени буриња од црница, каде што се обојува со златна боја и добива прекрасен неодолив мирис и заслужено го носи епитетот македонски виски.

Со слични планови се и жителите од останатите села, кои се помирија со реалноста дека годинава ракија препеченица нема да има, но и тие како и претходните соговорници утеха побараа во лозовата ракија која ќе ја испечат есенва.

– Сè е поврзано со временската состојба во текот на пролетта. Ако има мразеви или слана, тогаш не можеме да сметаме на богат род на овошките и пред сè на сливите трновки, од кои ја добиваме нашата омилена препеченица.

Ако пред две-три години испековме сливова ракија во поголеми количества, годинава од веќе познатите причини нема да добиеме препеченица ниту за лек. Така е тоа со фабриката под ведро небо, час дава, а час зема, вели Саве Димитриески, специјалист за добивање сливова ракија.

Тој нагласува дека консумирањето сливова препеченица е ритуал и уживање, а не само напивање кој колку може да издржи.

Поради слабиот род на сливите трновки, недостигот на сливова ракија препеченица на пазарот сигурно есенва и зимава ќе предизвика и зголемување на продажната цена, но поединци не ги менуваат навиките и по повисока цена ќе ја купуваат и ќе ја консумираат сливовата ракија…

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Како да извадите сертификат за трета доза вакцина

Редакција

(ВИДЕО) Амди Бајрам „рекламира“ Кока Кола

Редакција

(Фото) Биба Додева позитивна на Ковид-19 преку стакло се гледа со внукот: Дај Боже да помине поскоро

Редакција