еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Проф. Трајковски: Моментално се заразува со Ковид-19 во Скопје, Велес, Кавадарци, Штип и Кочани, во Битола бранот не ни почнал

Ви ја пренесуваме новата анализа на професорот Дејан Трајковски, кој на Фејсбук редовно ја анализира состојбата со Ковид-19 во Македонија.

„02.10.2021. По втор пат неделава е пробиена надолната линија на трендот на дневните броеви (зелената линија на првиот дијаграм).

Истовремено, седумдневната подвижна средина (портокаловата линија на првиот дијаграм) повеќе не сака да оди надолу. Дали ова веќе сигнализира дека долот на бранот наближува?

Ефективниот репродукциски број Rt = 1.01 ± 0,35 неделава е практично точно на единица, точката на проста репродукција и стабилен раст на дневните броеви на нови случаи, но со тренд на раст.

Во овој момент сé е можно, меѓутоа многу малку треба за да рестартира забрзувањето на епидемијата. Мал пораст на преносливоста заради постуденото време, мало попуштање на ефективноста на вакцините против заразување (многу веројатно) – и епидемијата може да тргне во нагорна патека.

Во западна и северозападна Македонија, особено во полошкиот регион, се чини дека Делта сојот го зеде данокот, меѓутоа во останатите региони сме далеку од таа точка.

Моментално се заразува Скопје, вардарскиот регион (Велес, Кавадарци) североистокот (Куманово) и дел од истокот (Штип, Кочани). Тешко може да се претпостави дека таму завршува бранот.

Од друга страна, во останатиот дел од истокот и југоистокот, а особено на југозападот (Битола), бранот на Делта сојот практично ниту започнал.

Проценките за прележаноста се околу 47% (+/- 7%), па моментално се држиме со вакцинираноста, меѓутоа ни тука времето не работи за нас.

Ќе ја разгледаме состојбата после 10 октомври, ама пред нас е целата есен и зимата.

Поради доцнењето со затворањето на активните случаи веќе подолг период тие стагнираат на прилично високо ниво, над 12.000 случаи (сината линија на третиот дијаграм), но деновиве забележуваме дека и реалниот, односно теоретскиот број на активни случаи, којшто би требало да изнесува околу 8.400, престана да се намалува.

Ова е најдобар индикатор дека епидемијата од намалување преминува во стабилен раст.

Во понеделник ќе го видиме и бројот на хоспитализирани, но доколку не се намали под 700, тоа исто така би покажало дека намалувањето на броевите сопрело и дека сме близи долот на бранот.

Всушност, намаленото тестирање после 1 септември постојано ни дава лажна слика дека дневните броеви се намалуваат.

На четвртиот дијаграм се поставени една покрај друга (во соодветен размер) кривите на вкупниот број на случаи и вкупниот број на починати.

При константа стапка на леталитет тие две криви би требало да одат паралелно, но не е така.

Изгледа дека вистинскиот вкупен број на дијагностицирани би требало да биде околу 198.000, наместо сегашниот број 192.000, односно поради намаленото тестирање имаме 6.000 случаи помалку.

Ова пореметување ја крена и стапката на леталитет на од Делта сојот на 3,61%, што е повисоко од претходниот просек на епидемијата од 3,52%.

Ова е невозможно, имајќи предвид дека сега ги имаме и вакцините, односно леталитетот не можел да биде поголем од 3,2% при сегашниот опфат со вакцинација. Но, ако преносливоста продолжи да се зголемува, растот на дневните броеви ќе се види и при сегашното темпо на тестирање.

Конечно, на петтиот дијаграм забележуваме дека стапката на позитивни тестови никако не се намалува, а нејзиниот седумдневен подвижен просек денеска како да доби нагорен тренд.

Сé на сé, се наоѓаме на точката на неопределеност, но со негативни изгледи, па во наредните денови ќе бараме сигнали кои ќе ни го покажат понатамошниот тек на епидемијата.

За почеток, да видиме дали во недела дневниот број на нови случаи ќе биде над 340, а во понеделник над 110“, пишува тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Проф. Трајковски пресмета колку е реалната смртност од Ковид-19

Проф.Трајковски: „Можно е новиот бран да биде биде постепен, развлечен преку целата есен и зима и без голем врв“

Проф. Трајковски: Исполнети се сите услови за нов бран

Фото: Фејсбук/Трајковски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Газдите манипулираат со обврската за К-15: Во Велес исплаќани срамни 100 денари

Редакција

Куманово „плаче„ за карантин

Редакција

Починаа четири лица од Ковид-19, тројца од Скопје и еден пациент од Штип

Редакција