еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Проф. Трајковски: Исполнети се сите услови за нов бран

Ви ја пренесуваме новата анализа на професорот Дејан Трајковски, кој на Фејсбук редовно ја анализира состојбата со Ковид-19 во македонија.

“28.09.2021. Првиот дијаграм можеби најдобро покажува колку залажува намалувањето на дневниот број на нови случаи.

Во услови на вообичаено тестирање, бројот на нови случаи обично многу блиску ја следи стапката на позитивни тестови.

На дијаграмот гледаме дека седумдневните подвижни средини на овие две големини прилично добро се следеа една со друга сé до 1 септември, крајот на сезоната на летните одмори.

Тогаш нагло дошло до намалување на дневниот број на тестирања (не се прикажани на дијаграмот), поради што бројот на нови случаи прилично опадна по овој основ.

Почетокот на учебната година ја зголемил преносливоста, а стапката на позитивни тестови (црвената линија на првиот дијаграм) пораснала на почетокот на месецот, но не премногу.

Штом оваа стапка не се намалува, јасно е дека вирусот е цело време тука, во постојана циркулација, без разлика што броевите на нови случаи полека се намалуваат.

На вториот дијаграм тоа го следиме од друг агол, преку броевите на активни и хоспитализирани случаи.

Иако кај двата броја забележуваме експоненцијално намалување, од формата на кривата се гледа дека тоа намалување не е како што би требало да биде, односно кривите немаат приближно симетрична форма во однос на врвот како во претходните бранови (не се прикажани тука).

Заклучно со неделата, 26.09.2021, бројот на хоспитализирани изнесувал 774 и тој број сé побавно се намалува.

По аналогија со минатата година, кога избувнувањето започна позначително после 10 октомври, јасно е дека со ова темпо на експоненцијално намалување бројот на хоспитализирани нема време да се намали под 600, а можеби ни под 650.

Жолтата линија на вториот дијаграм го прикажува теоретскиот број на активни случаи, кога тие би се затворале според алгоритамот на МЗ и досегашното просечно учество на асимптоматските и симптоматските случаи.

Сé до самиот врв на бранот на крајот од август, вистинскиот број на активни случаи (црвената линија на вториот дијаграм) бил помал од теоретскиот, што значи дека имало натпросечно многу асимптоматски случаи.

Од почетокот на септември реалниот број на активни случаи е прилично поголем од теоретскиот, односно истите побавно се затвораат. Можно е поради неажурност, но поверојатно е дека има повеќе симптоматски случаи од просекот.

Во секој случај, наместо реалните 12.000, моментално би требало да има околу 9.000 активни случаи, но и нивниот број сé побавно се намалува и за десетина дена би можел да го достигне минимумот на околу 8.000 случаи, заедно со минимумот на бројот на хоспитализираните.

Ефективниот репродукциски број изминативе 7 дена бил минимално под единица (Rt = 0,93 ± 0,30), па не му треба многу за да искачи над единица. Причина може да биде и најавеното намалување на надворешните температури деновиве за неколку степени под сезонскиот просек.

Изгледа дека засега помага и релативно скорешната вакцинација на релативно голем дел од населението.

Во соседна Србија, каде вакцинацијата започнала околу Нова година, забележуваме дека многу малку останало од заштитата против заразување (иако според официјалните броеви изгледа дека заштитата против смртен исход сé уште е на задоволително ниво).

Поради доцнењето со вакцинациите, можно е кај нас бранот да дојде подоцна, па максимумот наместо во ноември, да биде достигнат во декември или дури јануари.

Во секој случај, се чини дека сите услови за нов бран се исполнети – преносливост на самата граница од избувнување, надворешни температури во опаѓање, просечен временски интервал од втора доза вакцини во зголемување (моментално изнесува 62 дена, што не е малку).

Што се однесува до вакцинациите, најдобра стратегија би била вакцинирање со прва и втора доза на што е можно повеќе луѓе, додека за трета доза сé уште има време, со оглед на прилично константната ефективност против тешка форма на болеста и смртен исход.

Добро е што барем таа ефективност добро се држи, штом веќе знаеме дека постоечките вакцини не можат ефективно да спречат заразување на подолг рок. Заразувањето единствено може да се спречи со бихејвиорални мерки, односно добро познатите превентивни и рестриктивни мерки“, пишува тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Проф. Трајковски: „Ако сите беа вакцинирани, во летниот бран ќе изгубевме 209 животи наместо 1.047“

Проф. Трајковски: Преносливоста допрва ќе расте, а поради изминато време од вакцинацијата ќе опаѓа и имунитетот против заразување

Фото: Трајковски/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Министерството за здравство распиша тендер за набавка на кондоми, лубриканти и ХИВ-тестови проценет на 42.000 евра

Редакција

Линдон Бериша: Тој беше горд на Ерзана, сега сестра му е горда на него

Силвана Жежова

Косовските власти дозволија посета на српскиот патријарх Порфириј

Редакција