Ви ја пренесуваме новата анализа на професорот Дејан Трајковски, кој пресмета колку е одвишната смртност од Ковид-19.
“Според податоците за бројот на починати од најновиот месечен билтен бр. 09/2021 на Државниот завод за статистика (stat.gov.mk), можеме да ја пресметаме најновата статистика за одвишната смртност (односно реалната смртност од Ковид-19) од 01.04.2020 до 31.07.2021.
Очекуваната смртност во дадениот 16-месечен временски интервал, со земање предвид на месечната сезоналност, изнесува 26.114 починати (со интервал на доверба од 25.431 до 26.797, за ниво на доверба од 95%).
Во истиот период, според извештаите на ДЗС починале 36.255 лица. Оттука се добива одвишната смртност од 10.141 лица (со 95% интервал на доверба од 9.458 до 10.824 лица).
Одвишната смртност во најголем дел се должи на починатите од ковид (дијагностицирани и недијагностицирани), а помал дел на нелекуваните од други болести поради епидемијата (индиректни жртви на Ковид-19).
Официјалниот број на починати во дадениот 16-месечен интервал заклучно со 31.07.2021 (таканаречената објаснета одвишна смртност) изнесува 5.482 лица.
Оттука се добива дека одвишната смртност (официјално и неофицијално потврдена поради Ковид-19) е поголема од официјалната за 85% (со 95% интервал на доверба од 72,5% до 97,4%), колку што изнесува необјаснетата одвишна смртност.
Пресметката можеме да ја прошириме и за периодот после 31.07.2021, до 29.09.2021.
Применувајќи ги истите проценти на официјалниот број на починати од Ковид-19 од почетокот на епидемијата до 29.09.2021, се добива дека одвишната смртност, односно вкупниот број на починати од ковид (официјално и неофицијално потврдени, заедно со индиректните жртви на Ковид-19) изнесува околу 12.335 починати (со 95% интервал на доверба од 11.505 до 13.166 починати).
Може да се каже дека досега од Ковид-19 е изгубено население колку еден град со големина помеѓу Виница и Неготино!
Сметајќи со неофицијалниот број на жители во државата од 1,8 милиони, можеме да го пресметаме одвишниот морталитет на 100.000 жители, којшто изнесува околу 685 починати на 100.000 жители (со 95% интервал на доверба од 639 до 731 починати на 100.000 жители).
Со толку висок одвишен морталитет Македонија избива на прво место во светот, дури и пред Перу со 593 починати на 100.000 жители, заклучно со 05.09.2021 година (извор: магазинот Економист, economist.com).
Тука имаме предвид дека Перу веќе излегол од зимата и дека повеќе речиси немаат смртност од Ковид-19, додека броевите за Македонија не се ажурирани уште од 30.06.2021 година.
Но, дури и со официјалниот број на жители од 2,08 милиони, според пописот од 2002 година, македонскиот одвишен морталитет изнесува 593 починати на 100.000 жители – точно колку што изнесува во Перу.
Одвишниот морталитет според многумина се смета за најреалниот показател за смртноста од Ковид-19, затоа што ги зема предвид и смртните случаи коишто не биле официјално потврдени со ПЦР тестирања“, пишува тој.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Проф. Трајковски: Исполнети се сите услови за нов бран
Фото: Трајковски/Фејсбук