еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Случај „Таргет-Тврдина“: Новинари ќе бараат отштета за прислушувањето

Новинари, политичари и други кои биле прислушувани во периодот од 2008 до 2014 година денеска сведочеа за тоа која функција ја имале во општеството во тој период на судењето за незаконското следење на комуникациите „Таргет-Тврдина“. Се изјаснија дека се оштетени, а дел од нив најавија и дека ќе бараат да им се плати обесштетување.

Новинарот Саше Димовски, рече дека телефонскиот број што го користи од 2001 година е ист и менувал само префикси, како што менувал оператор.

„За тоа дека бев прислушуван станав свесен во 2010 година, по објавување на текст, за кој тогаш добив куп материјали од нелегално прислушувани разговори на обвинители од ОЈО Гевгелија. Истото по телефон го предочив на тогашниот јавен обвинител, сега адвокат во судница, по што и го објавив и мислам дека од тогаш мојот број беше ставен на прислушување“, изјави Димовски.

Посочи дека имале сопствен поздрав “Остваруваме 24/7” на крајот на секој разговор, со цел, како што рече, да им стават до знаење дека сме свесни за прислушувањето.

„Се чувствувам оштетен. Како што знаете, не по мое барање, туку на СДСМ на мене ми беше дадена папка со транскрипти од мои разговори со луѓе, кои и повеќе не беа живи. Со тоа моите приватни и интимни разговори се најдоа како на зелен пазар, што ми предизвика голем стрес, со што ми се покачи шеќерот, добив инфаркт и слепило, а штетата само за лекување е 30 илјади евра. Затоа барам отштета од 200 илјади евра“, изјави Димовски.

Катерина Цаневска, рече дека додека работела во А1 телевизија се случувало за вести или прилог што се уште не е објавен, за тоа да добијат демант од институција или влада, поради што се сомневале дека се прислушувани.

„Тогаш знаевме и после само се потврди дека на четири мои телефони сум била следена“, изјави Цаневска.

Рече дека се чувствува оштетена, бидејќи е направен удар врз демократијата и нејзината работа како новинар.

Новинарот Младен Чадиковски, рече дека од 2008 до 2011 бил уредник на А1 телевизија, а до 2013 бил уредник на економска редакција во Фокус.

„Сознанија добив во 2015 година кога на прес на тогашната опозициска партија беше обелоденето моето име и ми беше дадена папка со мои разговори. Претходно сум имал сомненија, но не можев да потврдам“, изјави Чадиковски.

Рече дека се чувствува оштетен и најави оштетно побарување.

Сведокот Јадранка Костовска, рече дека од 2008 до 2015 била главен уредник на неделникот Фокус, и потсети дрка била дел од случајот „Големо уво“ од 2011 година, што со неколку новинари го добиле, но никој не одговорал.

„Постојано имаше сомнежи. Во 2011 година почна една канонада тужби за клевети за делови од поставени прашања од прес-конференции. За тоа се жалев на Никола Младенов, за лошиот третман во судот и тогаш почна речиси секоја недела да добивам тужби за клевета.

Мојот сомнеж е дека некој знаел дека тоа силно ме иритира и барав од Младенов да постави друг уредник и затоа беа тие тужби. Класичен мобинг зошто 70 проценти од тие тужби беа повлечени“, изјави Костовска.

Посочи дека на прес конференција на Зоран Заев и била дадена папка со транскрипти од нејзини телефонски разговори и смс комуникација. Костовска, рече дека се чувствува оштетена и најави барање за отштета.

Сведокот оштетен Горан Михајловски, рече дека во тој период работел како главен уредник на весникот Вест.

„Моите сомнежи се потврдија 2013 година, бидејќи се случувало за нешто што разговарам по телефон со извори за вест да добијам повик од менаџмент на весникот тоа да не се објави. Инаку добив информации дека мојот телефон е прислушкуван на прес на СДСМ во 2015 година“, изјави Михајловски.

Рече дека се чувствува оштетен, бидејќи самото прислушување буди чувство на несигурност и за себе и за неговите извори како новинар. Тој најави отштета од еден милион денари.

Новинарот Борјан Јовановски, кој рече дека за неговото прислушување дознал на прес конференција на СДСМ истакна дека се чувствува оштетен и најави отштетно побарување.

Сашо Ордановски, рече дека од 2008 до 2015 година работел како новинар и дописник,а кога му бил даден материјалот со транскрипти му било кажано дека еден од пет најприслушувани во државата, а бил и цел на следење.

„Не само што се чувствувам оштетен, туку имам и реална материјална штета. Ноќта меѓу 3 и 4 мај 2015 година беше дигнато во воздух мое возило во Бардовци. Потоа ја напуштив државата, бидејќи бев предупреден дека се спремаат и други работи против мене. Конечно низа други штети, бидејќи јас бев цел на пропагандата на тогашниот режим“, изјави Ордановски.

Сашка Цветковска, рече дека од 2008 до 2015 работела во А1, Фокус и Нова, а за прислушувањето дознала на пресконференција на СДСМ кога и била поделена папка со транскрипти од нејзини лични разговори.

„Работата што ја правев вклучуваше следење на имотот на политички експонирани лица. Едно од тие лица беше и Сашо Мијалков. Објавивме неколку истражувања. Ние во тоа време бевме напаѓани дека сме предавници на државата. Нема да зборувам за притисоците понатаму, а за тоа ќе доставам докази“, изјави Цветковска

Рече дека се чувствува оштетена.

„Штетата се заснова на професионален план. Работев девет години за да создадам редакција што ќе работи на истражувања. За мојата штета нема да зборувам, за тоа јас сама се заложив и не барам отштета“, изјави Цветковска.

Сведокот жртва Горан Сугаревски, пред судот рече дека од 2008 година бил пратеник во Собранието, а од 2011 и координатор на пратеничката група на СДСМ, а за тоа дека бил цел на прислушување дознал откако објавил Зоран Заев.

„Се обратив во СЈО кон крајот на 2016 година, каде ми беше кажано дека во 2008, 2009, 2011 и 2013 година службениот број бил сериозно прислушуван“, изјави Сугарески.

Рече дека се чувствува оштетен, но дека не бара никаква штета во оваа постапка.

Адвокатот на Гордана Јанкулоска, Љупчо Шврговски, на почетокот до судот поднесе образложение и побара на листата на оштетени да биде додадена и Јанкулоска, бидејќи таа е обвинета во предметот.

Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Ленче Ристеска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Продолжува судењето за случајот „Таргет-Тврдина“

Сведок во „Таргет-Тврдина“: Горан Грујевски инсистирал да се формира Комисија за поништење на опрема од УБК

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Владеењето на кралицата Елизабета Втора ги опфати вселенските летови пред Спутник и Експлорер 1“, напиша НАСА по повод смртта на Елизабета Втора

Редакција

Mедицинскиот персонал и сите кои помагале при пожарот во модуларната болница во Тетово, на прием кај Теута Арифи

Редакција

Георги Прванов: Борисов и Заев по втор пат го задушија Илинденското востание

Редакција