Новите интензивни снежни врнежи, кои денеска го зафатија и Полошкиот регион, во значителна мерка го забавија одвивањето на сообраќајот, пред сé кон Попова Шапка, Стража и Маврово. Извесни потешкотии во одвивањето предизвикаа и на тетовските и гостиварските улици.
Од општина Гостивар наведуваат дека задолжените служби и компании започнале со потребните подготовки за справување со најавената меторолошка состојба и лошото време проследено со обилни врнежи од снег и ниски.
– Во насока на преземање на благовремени превентини активности за намалување на последиците од најавената временска нестабилност, известени се раководствата на месните заедници на територијата на општината. По потреба, покрај операторот кој е задолжен за зимско одржување на улиците и локалните патишта, ќе бидат ангажирани со полн капацитет и јавните претпријатија и противпожарната единица, велат од општина Гостивар.
Од гостиварската локална самоуправа наведуваат дека општинскиот кризен штаб е во постојана соработка со Регионалниот штаб за управување со кризи.
Засега сите улици и локални патишта на подрачјето на општинa Гостивар се проодни и сообраќајот се одвива во зимски услови. Сообраќајниците се чистат од снег, а при падот на температурите и се посипуваат со сол.
Од СВР Тетово упатија апел до службите задолжени за зимско одржување на улиците, интензивно да се ангажираат околу отстранување на снегот од јавните сообраќајни површини.
– За да може ефикасно и брзо да се отстрани снегот, се апелира до сопствениците на моторни возила да не ги оставаат возилата на места кои не се предвидени за тоа, зашто го попречуваат чистењето на снегот, а неправилното оставање на возилата ќе биде и законски санкционирано.Ова, со цел да се обезбеди нормално и непречено движење на другите возила и пешаците, стои во соопштението на СВР Тетово.
Во Гостивар од утрово врне снег и снежната покривка е речиси 20 сантиметри. Најмногу снег во регионот има во Маврово и околината каде снежната покривка надминува половина метар.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
На планините и во западните делови се очекуваат нови половина метар снег
Снежни врнежи: Однесување на пешаците во сообраќајот кога има снег
Снежни врнежи: Што треба да знаете кога возите по снег