еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Со ребалансот буџетот прв пат над 4 милијарди евра: Како ќе се трошат парите?

Во Собранието пристигна предлогот за ребаланс на буџетот за 2020 година во кој вкупните расходи се планирани на ниво од 253 милијарди денари (4,1 милијарди евра) што е зголемување за 10 милијарди денари (околу 162 милиони евра) во однос на претходните буџетски проекции за годинава во кои расходите изнесуваа 243 милијарди денари или околу 3,9 милијарди евра.

Со тоа Македонија го доби најголемиот буџет досега.

„Имајќи ги предвид настанатите околности извршени се промени во однос на иницијалните проекции на расходната страна на буџетот на Република Северна Македонија, пред се за спроведување на активностите предвидени со четвртиот сет на мерки“, пишува во предлог буџетот.

Во буџетот најголемо зголемување на расходите има кај тековните трансфери кои се планирани на ниво од 178,2 милијарди денари (2,8 милијарди евра) или за околу 12,1 милијарди денари повеќе во однос на планот за 2020 година.

Во буџетот се објаснува дека ваквото зголемување се однесува пред се на преземените мерки за обезбедување на средства за имплементација на економските мерки донесени од страна на Владата за справување со кризата предизвикана од пандемијата на корона вирусот.

Расходите за исплата на платите се проектирани на ниво од 30,2 милијарди денари (491 милиони евра) односно речиси на исто ниво во однос на првичниот план.

„Расходите за стоки и услуги се планирани во износ од 17,8 милијарди денари  или за околу 1 милијарда денари помалку во однос на планот за 2020 година, како резултат на мерките за сведување на минимум на сите помалку продуктивни трошења од буџетот, кои суштински и директно не се поврзани со справувањето од корона вирусот, без притоа да се наруши редовното подмирување на обврските на буџетските корисници“, пишува во предлог буџетот.

Сепак, во ребелансот има зголемување на субвенциите за јавни претпријатија од 1,6 на 1,7 милијарди денари, на ставката привремени вработувања од 145 на 165 милиони денари, а на ставката купување мебел од 92 на 122 милиони денари.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 18,4 милијарди денари (299 милиони евра), што е за 1,1 милијарди денари  помалку во однос на планот за 2020 година.

„Намалувањето е резултат на забавени економски активности, пролонгирање на инвестициони вложувања заради изборните дејствија, како и мерки за воздржување од набавки на мебел, опрема и возила, кои суштински и директно не се поврзани со справување со здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19“, пишува во предлог буџетот.

Со ребалансот, вкупните приходи се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари (3,1 милијарди евра) и истите се планирани на речиси идентично ниво во однос на првичниот план. Дефицитот е позициониран во износ од 56,6 милијарди денари (920 милиони евра) односно 8,4 отсто од БДП.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Катица Јанева останува во притвор, одбиена понудената гаранција во имот

Редакција

СЈО за шест месеци потрошило 113,5 милиони денари

Редакција

Излекувани 38: 226 здравствени работници во Македонија заболени од коронавирусот

Редакција