Денеска од 10 часот продолжува главната расправа од судскиот процес за обвинетите за пожарот во тетовската модуларна болница.
На последното рочиште на 27 декември 2022 претставниците на Основното јавно обвинителство Тетово ги презентираа насловите од писмените докази кои се доставени со обвинителниот акт до Судот, а денеска предвидено е да има вербални докази од сведоци кои се на предлог на обвинителите.
Судењето за пожарот што се случи на 8 септември 2021 кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени почна на 7 декември 2022 откако од септември 2022 до тогаш судскиот процес беше неколку пати одложуван.
Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничка болница Тетово како правно лице, на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.
На социјалните мрежи повторно граѓаните се организираат и повикуваат на мирен граѓански протест пред тетовскиот суд за поддршка на д-р Бобан Вучевски. На 27 декември дел од граѓаните во изјави за медиумите порачаа дека за пожарот не постои лекарска вина и нема логика доктор да одговара за пожар.
МИА/Фото: МИА