еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

Рабатот за маркетите од 30 – 40 ќе се намалува на 10%

Новиот закон за забрана на нефер трговски практики предвидува намалување на рабатот до максимум десет проценти на годишно ниво.

Тоа, како што изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши, ќе ги снижи цените на земјоделските и прехранбените производи, но и ќе влијае врз подобрување на нивниот квалитет.

Во законот се содржани околу 26 нефер трговски практики, а за прилагодување на компаниите кон понудените решенија е одреден рок од шест месеци. Според бизнисот, ова е доволен период, но не е исклучено тој да се скрати, доколку добавувачите и купувачите се соодветно подготвени.

За непочитување на законските одредби засега се предвидени глоби до 20.000 евра. Но, и во однос на овој дел од предлог-текстот ќе се разговара. Бизнис заедницата има можност да достави забелешки најдоцна до 25 октомври.

Законот кој денеска беше презентиран во Стопанската комора, е веќе на ЕНЕР и ќе се носи со европско знаменце.

-Не само што ќе има намалување на цените, туку и ќе се подобри квалитетот на производите. Во законот е наведено процентуално колку може да биде максималниот рабат или годишните надоместоци кои би можеле купувачите, во овој случај ланците супермаркети, да ги бараат од производителите и добавувачите.

Рабатот сега надминува 30 – 40 отсто од производствената цена, а со законот ќе биде најмногу 10 отсто и во рамки на тоа маркетите ќе конкурираат меѓу себе што ќе влијае врз намалување на цените, рече Бектеши по работниот состанок во Комората.

Како што напомена Васко Ристовски од Комората, се очекува законот да воспостави ред на пазарот со земјоделските и прехранбените производи.

-Ова е сосема нов закон, нова работа за сите нас. На состанокот беа отворени доста прашања што беа нејасни за бизнис секторот. Се работи за европски закон, прилагоден за нашиот пазар. Сметаме дека ќе се воведе ред и дека се ќе биде законски регулирано.

Начелно останува овој период од шест месеци прилагодување на компаниите и сметаме дека нема да има никакви проблеми. Евентуалните забелешки треба да произлезат во наредниот период, во следните 20 дена. Треба да сумираме зашто секој има свое гледиште, и компаниите и ланците маркети.

Ако има забелешки тоа ќе го сублимираме во еден документ кој ќе се достави до ресорното Министерство. Имаме време да ги разгледаме и да ги појасниме работите, можеби ние погрешно ги толкуваме, можеби има простор каде што ќе може да се интервенира, истакна Ристовски.

Текстот на законот е во финална фаза. Многу е важно, нагласи Бектеши, што директивите од ЕУ се транспонирани во него. Целта е, дополни, преку дијалог во кој ќе бидат вклучени сите страни, да се донесе најдоброто решение за да не се направи штета никому.

Најбитно од се, оцени министерот, е тоа што овој закон ќе ги уреди условите и начинот како ќе се врши трговијата во делот на земјоделските и прехранбените производи. Нема да се дозволи да се користи моќ на која било компанија врз другите фирми. Тоа, пак, би требало веднаш да влијае врз намалување на цените и врз подобрување на нивниот квалитет, како и врз предвидливоста и сигурноста на добавувачите и купувачите.

Закон за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи прв пат се носи во земјава.

МИА/Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Се извинувам обвинителке Фетаи, ќе морам уште еднаш да ве претресам“: Твитер „врие“ од шеги за Фатиме и Јанева

Редакција

Не е време за менување партнери: Њујорк издаде прирачник за безбеден сексуален живот

Редакција

(Видео) Атиџе ги живее своите ѕвездени моменти во Холивуд

Редакција