Трајко Вељаноски не прифати промена на дневниот ред и да се премине на точката за избор на претседател, изјави премиерот Оливер Спасовски, кој сведочеше на денешното рочиште за „организаторите на насилствата од 27 април во Собранието“.
Спасовски на почетокот рече дека во периодот јануари-јуни 2017 година бил пратеник во Собранието и технички секретар на СДСМ.
– Предложив на тогашниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски да се промени дневниот ред и да се премине на точката за избор на претседател, но тоа не беше прифатено, изјави Спасовски.
Нагласи дека за предлогот имал поддршка од над десет пратеници, а претседателот на Собранието, по Деловник морал да го стави таквиот предлог на гласање.
На прашање од обвинителката Вилма Рускоска, какви акции преземала партијата во овој период, Спасовски рече дека кога започнале насилствата во Собранието пред седиштето на СДСМ се собрала поголема група граѓани.
– Единствено нешто, што преземавме јас и претседателот на партијата, е дека не дозволивме насобраните луѓе да одат накај Собрание за да не се направи уште поголем проблем, изјави Спасовски.
Тој нагласи дека партиите функционираат хиерархиски, па не може барем во неговата партија, да не се знае нешто што се презема.
На прашање од обвинетиот Трајко Вељаноски, дали имало координација на 27 април за прашањето за промена на дневниот ред, Спасовски, рече дека се разговарало на координација за истото прашање и дека и тогаш одбил, но дека предлогот го поднел и на седница.
-Координацијата е ирелевантна, за прашањето на седница се изјаснува со гласање, изјави Спасовски.
Судскиот процес го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Рускоска.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ