Избраните учесници на отворенот повик за проектот “Модата како дел од екосистемот. Одржлива приказна”, започнаа серија работилници за одржлив дизајн од нула отпад и посета на штипските фабрики под менторство на дизајнерката Ирина Тошева.
Станува збор за соработка меѓу студентите, новите талентирани дизајнери, текстилната индустрија во Македонија и поканети модни практичари од Велика Британија со цел да најдат најсоодветен начин за повторна употреба на текстилот. Сите кандидати имаат задача да создадат одржлив моден дизајн од текстилен отпад а нивниот производ треба да создаде нова врска со модата за позитивни промени на планетата и еколошката свест во нашата земја.
Проектот го реализира Моден викенд Скопје во соработка со Министерството за економија на РМ, со поддршка од Министерството за култура на РМ во рамките на манифестацијата „Нов културен бран 2018“ и Британскиот совет.
Активно учество и поддршка на „Модата како дел од екосистемот. Одржлива приказна“ дадоа и граѓанската мрежа „АјдеМакедонија!“, и друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Пакомак“, Текстилното трговско здружение- Македонија во соработка со фабриките „Okitex“, „AFG“, „Istkomerc Sanda“, компанијата “Екотип” со еколошките шишиња за вода „Retap“, „СЕДЦ“, како и „Џолев и уметности“.
Во втората фаза учесниците ќе ги менторираат и гости од Велика Британија бидејќи одржливата мода е возможна и усовршена од многу британски модни етикети. Целта се сертифициран органски памук, бавно производство, одржливи ткаенини, производство на нула отпад, вегански материјали и етички услови за производство.
Иницијативата започна во септември годинава, со континуирани активности и презентација на првиот дел од проектот закажан за октомври во Штип-центарот на текстилот во Македонија. Завршницата ќе се случи во ноември, 2018 во рамките на Моден викенд Скопје (официјална локација на настанот „Скопје Мериот Хотел“).
Цели на пректот се развој на професионални вештини, поддршка на млади креативци, нивно советување и едуцирање со цел поуспешна идна карирера, поттикнување на соработка меѓу модната и текстилната индустрија, регионална и интернационална промоција на земјата, решенија за општествените проблеми и нашиот заеднички придонес за животната средина.