Судењето за предметот „Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ се одложува за 13 декември, поради неприсуство на пратеникот Илија Димовски.
Судијата Осман Шабани, посочи дека Димовски не го известил судот зошто нема да присуствува.
– Ова е јавна опомена за Илија Димовски. Ова е последно одложување за неприсуство на Димовски. Вакво непочитување кон Судот нема да дозволам. Да ме извести за „Титаник“, а да премолчи за „Талир“. Ова е непочитување на судот, изјави Шабани.
Нагласи дека со поднесок од 24 октомври од претседател на Собранието Талат Џафери, Димовски го известил судот дека не може да присуствува на рочиштето за „Титаник“.
На денешното рочиште требаше да почне образложувањето на предложените листи со докази.
Случајот го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е обвинителката Ленче Ристевска.
Првото рочиште за случајот Талир се одржа на 18 февруари годинава. Во случајот обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари“.
За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.
На Елизабета Чингаровска нема да ѝ се суди, бидејќи таа се спогоди со Специјалното јавно обвинителство (СЈО), призна вина и доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.
Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни лица.
МИА