еМагазин
Image default
Македонија

Поранешни градоначалници сведочеа дека Ристовски и Јанакиески не организрале партиски членови за протестите на „За заедничка Македонија”

Судењето за „организаторите на настаните во Собранието“ од 27 април 2017 година продолжува на 28 јануари 2021 година, откако на денешното рочиште беа сослушани повеќе сведоци предложени од одбраната на Спиро Ристовски.

На денешното рочиште беа сослушани повеќе сведоци, кои во 2016 година биле членови на месни, Централниот или Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а кои сведочеа дека Спиро Ристовски и Миле Јанакиески не биле членови на Извршниот или Централниот комитет на партијата, ниту дека некогаш биле контактирани од нив за учество или организирање превоз на симпатизери на партијата за протестите пред Собранието.

Истото го потврдија и тогашните градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на Ѓорче Петров, Сокол Митровски, на Гази Баба, Тони Трајковски и на Аеродром, Ивица Коневски, кои беа сослушани како сведоци.

Ивица Коневски, кој во 2016 година бил член на партиски комитет и претседател на Градскиот комитет, прашан каков став за протестите на „За заедничка Македонија” имало ова тело, рече дека никогаш не било разговарано за протестите.

Тој рече дека не комуницирал со Спиро Ристовски и Миле Јанакиески во врска со протестите, ниту пак имал некакви сознанија за вклученост на партијата во организација или поддршка на тие протести.

Поранешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски, одговарајќи на прашање рече дека не комуницирал со Спиро Ристовски и Миле Јанакиески за време на протестите на „За заедничка Македонија” за нивно организирање или поддршка, како и дека немал потреба ниту да комуницира со нив, бидејќи тие тогаш немале никаква функција во партијата.

– Никогаш како градоначалник, ниту ми било поставено прашање за поддршка и учество на протестите. Јас лично никогаш не сум бил на тие протести, а никогаш како градоначалник ниту сум го поставил тоа на вработените во општината, тоа си било нивна лична граѓанска одлука, изјави Митровски.

На прашање од судот дали тогашниот премиер Никола Груевски учествувал или комуницирал со градоначалниците, сведокот Тони Трајковски одговори „не“, посочувајќи дека како градоначалник „дали два-три пати имал комуницирано со Груевски“.

Владо Мисајловски, кој во 2016 година беше министер за транспорт и врски, прашан каков став имал Општинскиот комитет на партијата за протестите на „За заедничка Македонија”, рече дека секој си одлучувал сам дали ќе ги поддржи собирите што ги организира „За заедничка Македонија” и дека партијата немала ништо со тие протести.

Мисајловски апсолутно негираше дека како министер влијаел врз вработените во администрацијата да излезат на протестите.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

На следното рочиште се повикани повеќе сведоци, меѓу кои Игор Атанасовски, Зоран Коњановски, Ристо Донев, Игор Бошковски …

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сведоци на судењето на „организаторите на настаните од 27 април“: Ристовски и Јанакиески не организираа партиски членови за учество на протестите

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Одреден притвор за Нефи Усеини и брат му, полицијата трага по нив

Редакција

Дали во Македонија е регистрирана подваријанта на омикрон ќе се знае следната недела

Редакција

Новите заразени со Ковид-19 во Кавадарци се на возраст од 16 до 31 година

Редакција