Судењето против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, кој заедно со уште шест лица се товари за нелегалната набавка на софтвер, продолжува на 8 ноември, откако на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје беа сослушани повеќе сведоци предложени од Обвинителството.
Судскиот процес се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е Ивана Трајчевска.
На следното рочиште треба да бидат сослушани повеќе сведоци предложени од Обвинителството, меѓу кои и претставник на Државното правобранителство.
На денешното рочиште беше сослушан министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој рече дека додека бил технички премиер во 2020 година, не бил запознаен со набавката на софтвер за биометриска идентификација и систем за определување на просечна брзина на движење на возилата, ниту пак бил запознаен дека такво нешто било разговарано на Влада.
Спасовски, рече дека во периодот јуни 2019-јули 2020 година, како министер и технички премиер, мисли дека не било разговарано на Влада за набавката на ваков софтвер.
– Мислам дека не е дискутирано, зошто набавките ги прави Генералниот секретар и доколку било предвидено во Генералниот план го прават сами, изјави Спасовски.
Прашан дали во рамки на МВР била формирана група за набавка на софтвер за определување просечна брзина, Спасовски рече дека од премиерот Зоран Заев добил мандатно писмо за утврдување модели и правење анализи за надградба на системот Сејф сити да биде и во делот на безбедноста на сообраќајот.
– Не знам дали е тоа релевантно за случајот. Таква анализа е правена за потребите на МВР, а не за Влада. Како што кажав една од опциите тогаш беше да се набави нов софтвер, а друга да се надгради постоечкиот Сејф сити систем, рече Спасовкси.
На прашање од обвинетиот Рашковски, дали согласно законските обврски, Генералниот секретаријат има доставувано точки на Седница на Влада, Спасовски одговори потврдно.
– Една од задачите на Генералниот секретар е да прибира материјали за седници, да прибира материјали од надлежни органи, да прави анализи и да предлага дневен ред, изјави Спасовски.
Рашковски е обвинет за кривичните дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
Лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од КЗ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Спасовски сведочеше за „Софтвери“: Не бил запознаен со набавката на софтверот за МВР
МИА