Повеќе од три часа помошник командат во Единицата за брзо распоредување денеска сведочеше во Кривичниот суд во Скопје за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година.
Александар Василевски-Нинџа, кој е еден од обвинетите за случувањата во Собранието на 27 април минатата година, во вкрстеното испрашување побара од сведокот Влатко Наумовски да му одговори дали во толпата што насилно се обидела да влезе во Парламентот видел колеги од Единицата за брзо распоредување и тајната полиција. Наумовски рече да видел припадници од ЕБР, но дека не знае за припадници на тајната полиција.
– Кога комуницирав со колега од ЕБР ми пријде лице што ми го оттурна мобилниот додека разговарав. Му реков да се оддалечи зошто со самата негова постапка го привлече вниманието на протестаните кои појдоа на мене, рече сведокот.
Прашан дали лицето што го оттурнало е новинар или припадник на тајна полиција, сведокот рече дека не го познава.
Претходно, сведокот Наумовски кажа дека на 27 април користел слободен ден и бил излезен на седенка со колеги.
– Околу 18:30 ми се јави командантот Маријан Петковски и ме информира дека во моментот на протестот пред Собранието во тек е нарушување на јавен ред и мир и истиот ми кажа ако сум во можност што е можно побрзо да одам на лице место и го информирам за ситуацијата таму и да пружам помош на колегите таму, рече сведокот.
Напомена дека бил во тренерки и со колега веднаш се упатил да го најде одговорниот Горан Згонц, одговорен на ЕБР за обезбедување на протестот тој ден и да се искоординира.
– Со самото мое пристигнување веќе дел од масата што протестира ги имаше прескокнато заштитните огради и кордонот и се упатуваа кон главниот влез. Претходно командантот ме информираше да стапам во контакт со Зоран Стамчевски, одговорен за целокупното обезбедување на протестот. Масата веќе беше пред главниот влез и насилно се обидуваше да влезе. За тоа го информирав Маријан Петковски, рече сведокот.
Кажа дека добил повик и од Митко Чавков, кого го известил за обидот на толпата да влезе.
– Добив насоки да ја следам ситуацијата и преземам мерки во врска со настанатата ситуација. Му кажав дека има постојан прилив на демонстранти и дека барам засилување бидејќи по моја проценка со силите кои беа распоредени нема да може да се справиме со нарушувањето, рече сведокот.
Некаде пред 19 часот, како што посочи тој, од сите страни доаѓала маса на протестанти кои се упатувале и кон западниот дел на Собранието, каде имало исто така обид за насилен влез.
– Јас направив прегрупирање и дел од силите распоредив на тој влез, рече Наумовски и додаде дека кога веќе влегла толпата го информирал Митко Пешев и тој му дал насоки да влезе и воспостави ред во Собранието.
За цело време, како што посочи, имало константен прилив на граѓани во Собранието, а колегите кои останале на блокада на влезовите не можеле да го спречат влегувањето.
– Беа насилни и имаше повредени колеги, рече сведокот и додаде дека цело време бил надвор со одговорниот Зоран Стамчевски и ги координирале активностите на терен.
Посочи дека добил информации дека во прес-сала каде имало пратеници се случува големо нарушување на јавен ред и мир.
– За истото телефонски ги информирав началникот Митко Пешов и директорот Митко Чавков и истите ми дадоа насока со сите расположливи сили да ги упатам кон прес-салата и салата број 3 каде во моментот имаше големо нарушување. Истото го направив и дадов насоки на Горан Згонц да се упати веднаш кон прес-салата и го воспостави нарушениот јавен ред и мир. Истиот постојано ме информираше дека наишол на голем отпор од демонстрантите во обидот да стигне до локацијата и дека има повредени припадници, по што од мене му беше дадена наредба да употреби средства за сила со цел да дојде до локацијата, рече сведокот.
Кажа дека од Згонц добил информации за повредени пратеници, новинари и колеги во прес-центарот.
– Тогаш од задниот дел на Собранието од влез гаражи пробав да влезам во Собранието. Мислам дека тоа беше околу 20 часот. Кога влегов во ходникот пред прес-салата видов неколку повредени полицајци и ја видов интервенцијата што веќе се спроведуваше од колегите, рече сведокот.
Се приклучил на интервенцијата и изработил план за коридор за евакуација на лицата во прес-салата, ги прегрупирал силите кои дошле на помош да направат блокада на вратата што води од претседателскиот кабинет до ходникот каде се прави интервенцијата.
– Телефонски го информирав Чавков за состојбата внатре и хаосот што владееше, истиот ми нареди со сите средства и сили да продолжиме и влеземе во прес-центарот и пружиме помош. Толпата беше насилна и во еден момент употреби ПП апарат. Од директорот побарав да употребиме шок бомби и добив дозвола. Со употребата толпата ја заплашивме и влеговме во прес-салата. Внатре беше повреден колегата Ацо и пратеници, новинари… Преку претходно воспоставениот коридор успеавме да ги изнесеме, рече сведокот.
Ги дислоцирале во една од канцелариите на првиот кат, што претходно била обезбедена. Посочи дека тешко повредени биле неколку негови колеги, а тој добил удари во предел на главата, телото, раката, ногата…
На врата, како импровизирана носилка, бил донесен и пратеникот Зијадин Села во бесознание. Му била пружена помош од медицинско лице, кое рекло дека ако итно не биде пренесен во болница има опасност по неговиот живот.
– За тоа ги информирав по радио врска дека од излезот „Винар“ ќе пробаме да го изнесеме. Направивме обид но само што ја отворивме вратата групата се зголеми и бевме приморани да останеме внатре. По некое време на радио врска слушнав како се прегрупираат силите со цел да влезат во објектот и ни пружат помош, рече сведокот.
Во својот исказ тој посочи дека после 21 часот со употреба на шокови и средства за сила се пробиле до него внатре.
– Потоа по насоки од командантот извршивме прегрупирање на силите и најверојатно по консултација со некој од штабот добивме наредба да направиме подготовка за евакуација на пратениците и службените лица внатре. Во меѓувреме пристигнаа повеќе колеги од ЕБР, Тигар и од единицата за обука и поддршка. Изготвувме план за евакуација со претходно блокирање на просторот од задниот влез за евакуација од гаражите. Мислам дека некаде околу 22 часот започнавме со евакуација на лицата, рече сведокот.
На прашање од адвокатот на Митко Чавков, сведокот кажа дека не знае точно кога се слушнал со Чавков, но тоа било пред 19 часот.
– Точно не можам да се сетам колку разговори имавме, но бевме во комуникација, рече сведокот.
Попладнево по паузата како сведоци се повикани и Маријан Петковски, Горан Ѓорѓиевски и Сашо Трпевски.
За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.
Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници и граѓани. Тие пред судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.
На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.
МИА