еМагазин
Image default
Свет

СЗО: Мрачна прогноза за Европа во следните два месеци, стапката на смртност од Ковид-19 ќе расте

Светската здравствена организација (СЗО) очекува зголемување на бројот на смртни случаи од Kовид-19 во Европа во текот на октомври и ноември, период, кој според нејзините предвидувања ќе биде „потежок“ што се однесува до епидемијата, изјави денеска за Франс прес директорот на европскиот огранок на организацијата, пренесува Бета.

– Работите ќе станат потешки. Ќе видиме поголема стапка на смртност во октомври и ноември, изјави Ханс Клуге.

Се очекува зголемување на бројот на смртни случаи на дневна основа поради зголемувањето на бројот на случаи на инфекција со повторното ширење на епидемијата во Европа, наведе СЗО.

– Сега сме во момент кога земјите не сакаат да слушаат ваква лоша вест, јас го разбирам тоа, рече шефот на европскиот огранок на СЗО, кој посочи дека сака да испрати „позитивна порака“ дека пандемијата „ќе запре во одреден момент“.

Европскиот огранок на СЗО денеска и утре одржува состанок со околу 50 земји-членки за размена на мислења за одговорот на пандемијата и за усогласување на петгодишната стратегија.

Високиот функционер во организацијата, чие седиште е во Копенхаген, ги предупреди оние кои сметаат дека крајот на епидемијата ќе се совпаде со развојот на вакцината, која сè уште се развива.

– Постојано слушам дека вакцината ќе означи крај на епидемијата. Секако дека не, рече Клуге.

– Ние дури и не знаеме дали вакцината ќе биде ефикасна во сите делови од населението. Некои знаци што ги добиваме се дека ќе биде ефикасна за некои, но не и за други. И ако треба да нарачаме различни вакцини одеднаш, каков логистички кошмар, предупреди Клуге.

Тој рече дека крајот на пандемијата ќе биде во моментот кога, како заедница, ќе научиме да живееме со таа пандемија.

– И тоа зависи од нас. Тоа е многу позитивна порака, рече Клуге.

Бројот на новозаразени во Европа значително се зголемува во последните неколку недели, особено во Шпанија и Франција. Во петокот, за само еден ден, се регистрирани повеќе од 51.000 нови случаи во 55 земји опфатени со европскиот огранок на СЗО, што е повеќе од врвот забележан во април, според податоците на таа организација.

Во исто време, бројот на смртни случаи во текот на еден ден во моментов е на ниво од почетокот на јуни, околу 400 до 500 смртни случаи поврзани со Ковид-19, според истиот извор.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

СЗО: Можно е зголемување за 55% на заболените од рак до 2040 година, повеќе ќе заболуваат мажите

Редакција

Германија ја промени одлуката за „АстраЗенека“: Нема ограничување на возраста, може да се вакцинираат сите

Редакција

Мисури ја тужи Кина поради пандемијата од корона вирусот, конгресмени бараат САД да покрене постапка во Хаг

Редакција