еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА

Текстилните работници оставени на милост и на немилост: „Гласен текстилец“ бара од македонските пратеници итно да се донесе петтиот сет мерки

Здружението „Гласен текстилец“ од Штип денеска испрати отворено писмо до пратениците во Собранието во кое бара од нив под итно да се донесе петтиот пакет на економски мерки.

Во писмото се вели дека оваа социо-економска и здравствена криза предизвикана од вирусот Ковид-19, удри со сета сила по вработените од ниско-профитабилните и трудоинтензивни гранки, по жените, младите, возрасните пред пензија, хронично болните лица, самохраните родители.

-Се соочија со незаконски откази, не продолжување на договорите за работа, намалена плата, доцнење на плата и по два месеца, губење на права од работен однос, се разболуваа на работно место, но се трудеа да опстојат поради нивните семејства.

Голем дел од фирмите особено во текстилната индустрија, немаат се уште исплатено плати за февруари и март 2021 година на работниците и работничките, така што тие се оставени на милост и на немилост.

Поради неисплата на плати и лошата состојба на фирмите, работниците при користење на здравствени услуги се принудени да плаќаат на приватно. Свесни сте дека тоа значи изложување на огромни парични издатоци и е сериозен проблем за нормално живеење, се вели во писмото на „Гласен текстилец“ до македонските пратеници.

Посочуваат дека во ниту еден момент ова не претставува одлика на една социјална држава каква треба да биде согласно Уставот.

Бараат за време на привремена спреченост од работа (боледување) поради Ковид-19, на вработените во јавниот и во приватниот сектор да им биде исплаќан надоместок на плата во целосен износ, односно 100 отсто.

Потребата од ваквото барање, додаваат, произлезе поради тоа што граѓаните се соочени со егзистенцијални проблеми, посебно оние од приватниот сектор поради лекувањето и лекарствата чии цени се значително зголемени, а приходите на работниците и надоместокот од 70 отсто за време на боледување не се доволни за тие да ги подмират трошоците за лекување на болеста.

-Не смееме да си дозволиме да немаме платено здравствено осигурување, особено во време на здравствена криза. ФЗОМ не смее да ги остави граѓаните да ги плаќаат прегледите, терапиите за себе и своите деца на приватно.

Нехумано е од страна на пратениците, што ги ставаат личните и партиските интереси пред интересот на граѓаните кои се најранливата категорија во оваа здравствена и социо-економска криза со пандемијата, особено бидејќи вие треба да сте гласот на народот, вие треба да ги барате овие итни и неодложни потреби и да ги истакнувате проблемите на оние поради кои ја имате оваа функција.

Благодарение на нив, вие имате редовна, висока плата, право на платено здравствено осигурување и повеќе од пристојни услови за работа. Не се соочивте со доцнење на плати, со незаконски откази и намалена плата.

Не ве замолуваме, туку бараме од вас како пратеници, народни избраници, да престанат овие политички препукувања во ова Собрание кое се нарекува народен дом, и да го ставите интересот на народот пред секоја политичка цел, бидејќи работниците и работничките очекуваат од вас да го изгласате овој сет на мерки, зашто е неопходен за нормално функционирање на секоја човечка индивидуа, велат од „Гласен текстилец“.

Тие од пратениците бараат донесувања и измени на закони кои ќе овозможат редовна исплата на плата, следење на злоупотребите од страна на одредени работодавачи преку првите четири сета на мерки, помош за оние кои останале без работа, 100 отсто платено боледување поради Ковид-19 и право на здравствено осигурување на секој еден граѓанин.

-Она што е недозволиво е да се продолжи со неконструктивни препукувања и во последно време, националистички реторики, бидејќи и Македонци, и Албанци, и Бошњаци, и Турци и Роми , се ставени во незавидна положба, бизнисите пропаѓаат, а граѓаните се соочуваат со егзистенцијални проблеми.

Тоа е најмалку што можете да направите за вашата држава и вашиот народ, бидејќи тој народ, граѓаните, ви ја дале поддршката да ги браните нивните интереси. Тоа и само тоа е вашата улога во ова Собрание, се вели во писмото на „Гласен текстилец“ до македонските пратеници.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Сексуалните работници бараат да бидат вклучени во владините социо-економски мерки за заштита од Ковид-19

Редакција

(Фото) Во оглас за работа плата за собирач на ѓубре 15.000 денари, а за доктор по медицина 12.550 денари

Редакција

Во април за 1,9% намален бројот на работници во индустријата

Редакција