„Бомбите“ во предметот „Титаник“ што попладнево се слушаат во Кривичниот суд открија како поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и Мартин Протуѓер се договараат да се провери информација за имот на жена му на поранешниот претседател Бранко Црвенковски на Корчула.
Во разговорите, Јанкуловска му потврдува на Протуѓер дека добила потврда од Белград оти жена му на Црвенковски имала лична карта на таа адреса, но оти не може да добие писмена потврда за тоа.
Во судницата попладнето се слушаа и снимки меѓу поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески и поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески околу исплатата на субвенциите и за недостиг на рекламен материјал во Прилеп и Неготино, како и разговори меѓу Ставрески и Јанкуловска во кои тој се жали дека не може да направи исплата на субвенции во Повардарието поради две лица кои не сакале да го потпишат извештајот, а од тоа им зависеле пет илјади гласа во овој регион.
Одбраната повторно изрази сомнеж во автентичноста на снимените разговори и посочи дека во еден од разговорите како време е наведено 00:56, а разговорот почнува со зборовите „добар ден“.
МИА