еМагазин
Image default
Македонија

Тодор Петров: Џафери манипулира, не се откажуваме од референдумот за името

Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, на својот Фејсбук профил, реагира на изјавата на претседателот на Собранието, Талат Џафери и вели дека тој манипулира дека предлогот за покренување иницијатива за собирање 150.000 потписи за распишување референдум е повлечен.

Ви го пренесуваме неговиот статус:

„На 24.12.2018, 130 граѓани со овластен предлагач Тодор Петров како првопотпишан, поднесоа Предлог за покренување на граѓанска иницијатива за собирање на најмалку 150.000 потписи за распишување на задолжителен референдум (ПРЕДЛОГ).

Законодавно-правната комисија и комисијата за политички систем при Собранието на седниците одржани на 28.12.2018 ПРЕДЛОГОТ го оценија за неуреден, затоа што потписите не биле собрани пред надлежен орган за водење на избирачкиот список.

Од Државната изборна комисија (ДИК) добивме термин од 8-18.01.2019 за собирање на потписи за ПРЕДЛОГОТ и на 8.01.2019 собравме 179 потписи, 79 повеќе од потребните 100.

На 9.01.2019 ПРЕДЛОГОТ го доставивме до претседателот на Собранието.

На 14.01.2019 Законодавно-правната комисија и Комисијата за политички систем утврдија мислење дека ПРЕДЛОГОТ е уреден и за тоа веднаш го известија претседателот на Собранието.

Претседателот на Собранието беше должен да не’ извести за мислењето на работните тела во рок од три дена, најдоцна заклучно со 17.01.2019, како и ДИК преку Владата, за во наредните 20 дена да се извршат подготовките за почеток на собирањето на 150.000 потписи во 34 подрачни одделенија на ДИК за времето од три месеци.

За жал, претседателот на Собранието и двата ПРЕДЛОГА и од 24.12.2018 и од 9.012019 во поканата за 81 седница закажана за 28.01.2019 ги ставил како 6 и 7 точка на предлог дневниот ред.

На 22.01.2019 писмено го известивме претседателот на Собранието дека ПРЕДЛОГОТ од 24.12.2018 кој е оценет за неуреден и од работните тела на Собранието го повлекуваме, а остануваме на ПРЕДЛОГОТ од 9.01.2019 година кој е оценет за уреден! За жал, Талат Џафери ја доведе во заблуда јавноста со изјава дека ПРЕДЛОГОТ за референдум е повлечен.

Ја информираме јавноста, дека Предлогот за покренување граѓанска иницијатива за собирање на 150.000 потписи за распишување на дополнителен задолжителен референдум останува, видно од дневниот ред за 81 седница која започна денес на 28.01.2019, утврден како 29 точка.

Никој во Собранието, од 14.01.2019 до денес, не знаеше да ни каже зошто Талат Џафери уредниот ПРЕДЛОГ го ставил на дневен ред на седница на Собранието, освен ако и покрај мислењето на комисиите, самиот го оценил за неуреден, за што Собранието треба да решава со заклучок?!

Собранието не одлучува дали ќе прифати или отфрли предлог за покренување на граѓанска иницијатива за распишување на задолжителен референдум.

Собранието само утврдува дали ПРЕДЛОГОТ е уреден или неуреден! Собранието нема надлежност да суспендира граѓанска иницијатива, независно од прашањето кое се иницира со референдумот по предлог на 150.000 избирачи! Ниту референдумското прашање е право на Собранието! Референдумското прашање го утврдуваат овластените предлагачи!

Патем, на барање за присуство на седницата на Собранието како овластен предлагач, на 25.01.2019 во 16.30 часот од кабинетот на Џафери ме’ известија, дека не сум поканет на седницата на Собранието на која е ставен ПРЕДЛОГОТ, без образложение зошто?!

За волја на вистината, одлука за распишување на задолжителен референдум донесува Собранието по своја иницијатива и по предлог од најмалку 150.000 избирачи.

Заради манипулација со слободно изразената волја на народот, Собранието распиша консултативен (незадолжителен) референдум и не за името, туку за членство во Европската Унија и НАТО.

Бидејќи Собранието не распиша по своја иницијатива задолжителен референдум за името, покренавме иницијатива за собирање на 150.000 потписи.

Собранието е должно да распише задолжителен референдум по предлог на 150.000 избирачи!

Ако пратениците се убедени, дека волјата на граѓаните е ЗА промена на името, еве им шанса на прецизно и недвосмислено прашање “Дали сте за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија?“ да ја проверат веќе донесената одлука на 11.01.2019 за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија!

Народот секако и тој референдум ќе го бојкотира со неизлезеност, за ДИК да констатира: “Одлуката за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија не е усвоена!“ И бојкотот значи глас против!

Исто, како што на 30.09.2018 ДИК констатира “Одлуката за членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција не е усвоена!“

Ако на непрецизно и тросмислено прашање на 30.09.2018 со целата светска булумента “гласаа“ 600.000 избирачи од кои 200.000 фалсификувани гласачки ливчиња, на прецизно и недвосмислено прашање нема да гласаат ни 300.000 избирачи.

Во тоа е и смислата на иницијативата за референдум: Да се поништи одлуката на Собранието за промена на името и да се потврди бесмисленоста на обидот за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија!

Затоа и манипулациите на Џафери и тие со него. Па и на сите кои се со исто мислење, дека референдум не е потребен, кога веќе го привршија обидот да ја запечатат трајно промената на името во Собранието!

Референдумот е единствен правен инструмент за поништување на одлуката на Собранието за промена на името на државата Македонија! Во рок од 60 дена од денот на одржувањето на референдумот, Собранието е должно да ги усогласи прописите со резултатите од референдумот!

Најпосле, референдумот не се иницира за промена на името на државата! Извршен е веќе обидот за промена на името на државата со измената на Уставот од седницата на Собранието одржана на 11.01.2019, а заради примена на Спогодбата Димитров-Коѕиас која не е ратификувана во согласност со Уставот и не е дел од внатрешниот правен поредок на државата!

Од предлогот за покренување на граѓанска иницијатива за распишување на дополнителен задолжителен референдум НЕ СЕ ОТКАЖУВАМЕ!’, пишува Петров.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Тодор Петров ја повлече иницијативата за нов референдум за името

Фото: Фејсбук/Петров

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

48 нови случаи на Ковид-19 во Тиквешко

Редакција

Институт за демократија: Не е само внесувањето на Бугарите во Уставот, има и други услови од Софија

Редакција

Најстудено со најмногу снег во Маврово

Редакција