Министерството за здравство соопшти дека здравствената состојба на двајцата сопружници заболени од коронавирусот кои се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби е стабилна.
Од Министерството посочуваат дека и првата заболена пациентка е во стабилна здравствена состојба, чиј последен контролен тест беше негативен, но во текот на утрешниот ден ќе биде направен уште еден тест за да се потврди резулатот, односно да се потврди дека таа повеќе не е инфективна.
На 10 март, како што се наведува, истекува периодот на изолација на сите сопатници кои на 26 февруари пристигнаа со првата заболена пациентка.
Тоа е практично 14-тиот ден на кој ќе биде направена темелна евалуација од страна на епидемиолозите, а по што ќе биде прекината или продолжена изолацијата соодветно на секој поединечен случај.
Во текот на вчерашниот ден, Државниот санитарен и здравствен инспекторат ги подели решенијата на сите патници и блиските контакти на заболените кои на 27 февруари пристигнале во земјата, кои подразбираат здравствен надзор и контрола на домашната изолација во соработка со полиција, а за непостапување по решението следуваат правни санкции, информираат од Министерството.
Согласно новата состојба и мерките кои ги презеде италијанската Влада во текот на утрешниот ден по состанокот со Комисијата за заразни болести и формираниот комитет за следење и информирање за состојбите со коронавирусот, а во консултација со сите релевантни институции, од Министерството потенцираат дека ќе информираат за евентуални нови мерки за превенција и заштита од натамошно ширење на вирусот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(ВИДЕО) И Пјаченца во Италија, каде работат илјадници Македонци во карантин поради коронавирусот
(ВИДЕО) Драстични мерки: 16 милиони луѓе во Италија во карантин поради коронавирусот