Одговарајќи на новинарско прашање за компаниите што ја злоупотребија помошта исплатена од државата за своите вработени, директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска на денешната прес-конференција информираше дека постапката против нив е во тек и дека Јавното обвинителство побарало дополнителни докази во спроведувањето на истрагата.
Таа нагласи дека на сите компании што не ја исплатија доделената дополнителна помош на своите вработени, УЈП им ги блокирала сметките и на дел од нив веќе им биле повлечени овие средстава од државната помош.
Според Лукревска, имињата на сите компании што ја злоупотребуваат помошта и натаму ќе бидат објавувани, со цел јавноста да ги знае, а воедно и да се поттикнат другите фирми да не прават вакви злоупотреби.