На пристаништето во Игуменица синоќа биле уапсени уште петмина хрватски државјани под сомнение дека учествувале во инцидентите пред стадионот на АЕК во понеделникот вечерта, додека пак они кои веќе беа уапсени во Атина, над 90 лица, денеска ќе бидат изведени пред јавен обвинител, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчката полиција е во потрага по сторителот на убиството на 29-годишниот Михалис Кацурис, навивачот на АЕК кој беше прободен со нож пред стадионот, па затоа властите во Грција ги зголемиле контролите на сите излезени точки од земјата за да не им дозволат на хрватските навивачи на Динамо Загреб, кои можеби учествувале во немирите, да побегнат од државата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Од Крајбрежната служба на Грција соопштија дека при контрола на патниците кои со траект од Игуменица ќе патувале за Бари во Италија, било констатирано дека петмина хрватски државјани на возраст од 25 до 41 година, не можеле да ја оправдаат причината и времетраењето на нивниот престој во Грција и дополнително рекле дека биле на одмор и без никаков багаж се враќаат во нивната земја.
Токму затоа биле сомнителни дека можеби учествувале во инцидентите во Атина и биле уапсени.
Паралелно, на граничниот премин со Албанија, вчера бил уапсен 19-годишен Хрват, исто така под сомнение дека учествувал во инцидентите во Атина, со што вкупниот број на уапсени е над 100 лица.
Денеска се очекува пред јавен обвинител да бидат изведени 94 од уапсените во понеделникот вечерта, а поголемиот број од нив се хрватски државјани, навивачи на Динамо Загреб.
Грчката новинска агенција АНА-МПА повикувајќи се на свои извори пишува дека процените се дека најмалку 50 хрватски хулигани успеале да побегнат, а во тек се лабораториските испитувања и анализи на ДНК и други докази за откривање на сторителот на убиството на 29-годишниот навивач на АЕК.
Министерот за заштита на граѓаните, надлежен за полицијата Јанис Иконому во интервјуто за грчката телевизија „Алфа“ синоќа рече дека постоел „трагичен неуспех“ на полицијата да го спречи и запре патувањето во Атина на навивачите на Динамо Загреб, но говореше и за оперативни грешки и неискористување на информациите.
За пропустите на грчката полиција, сведочат и документите објавени во медиумите, според кои полицијата била информирана дека во Атина доаѓаат навивачи на Динамо Загреб, информации кои стигнале и од хрватските и од црногорските власти.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Аналитичарите од Секторот за борба со спортско насилство уште во неделата знаеле и информирале дека најмалку 100 хрватски хулигани на Динамо Загреб ќе пристигнат во Атина, од хрватската полиција соопштија дека до нивните грчки колеги уште од 4 август испратиле предупредување, додека пак црногорските власти ја информирале грчката полиција за „потенцијално пристигнување на 100-200 ризични фанови, членови на организираната група на Динамо Загреб Bad blue boys“.
Во дописот испратен во вторникот наутро, Подгорица не само што ја информира Атина за групата, туку и детално ги наведува возилата на Хрватите, односно марките и регистарските таблици на 22 хрватски автомобили.
Навивачите на Динамо Загреб во Атина пристигнаа по копнен пат, а во Грција влегле преку Албанија, без никој да ги запре за контрола иако од УЕФА имаше забрана за патување на навивачи.
Со одлука на надлежниот министер вчера беа сменети седуммина одговорни во грчката полиција односно надлежниот за справување со спортско насилство и одговорните во сообраќајната полиција на потегот од градот Јанина до Коринт.
Во инцидентите пред стадионот на АЕК во понеделникот вечерта беше убиено едно лице, а осум беа повредени, од кои четворица уште се во болница.
Натпреварот од третото квалификациско коло во Лигата на шампиони меѓу АЕК и Динамо Загреб беше одложен.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кој го уби навивачот на АЕК, Грците велат хрватски, Хрватите грчки навивач
МИА/Фото: eMagazin.mk