Единаесеттото издание на традиционалниот музички фестивал „Д Фест„ кое годинава ќе трае само два дена, ќе се одржи утре и во сабота на главната бина во Дојран, потврдија организаторите.
– Безбедноста и здравјето на сите посетители и ангажирани лица е наш најголем приоритет на манифестацијата, која и годинава ќе се одржи во согласност со мерките за заштита од пандемијата и со целосно придржување кон безбедносниот протокол кој моментно дозволува присуство на најмногу 50 отсто од расположливиот капацитет, велат организаторите.
Според програмата, утре на првата вечер од фестивалот ќе настапат електронското дуо „Горгон сити“ и бендовите „Дубиоза колектив“, „Репетитор“ и „Фолтин“, а вториот ден е резервиран за настап на Кирил Џајковски, раперот Страјк и бендовите „Смат“ и „21 век“.
Билетите за двата фестивалски дена се продаваат по 850, а еднодневниот чини 500 денари. Важат и сите влезници кои биле купени за минатогодишното неодржано фестивалско издание, најдоцна до 30 јули, соопштија организаторите.