еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

В понеделник нова пресуда за Милјаков и Тачи за „Титаник 2“

Кривичниот суд – Скопје в понеделник треба да ја објави првостепената пресудата за случајот „Титаник 2“, предмет што се однесува на изборни нерегуларности за кои се обвинети поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, лидерот на ДПА, Мендух Тачи и поранешни членови на Државната изборна комисија (ДИК).

Ова ќе биде втора првостепена пресуда за „Титаник 2“, откако Кривичниот суд во 2019 година ги осуди обвинетите, но во декември истата година Апелациониот суд ја укина пресудата поради суштествени повреди на постапката и случајот го врати на повторно судење.

Обвинителот во процесот Гаврил Бубевски на денешниот судски процес побара Мијалков, Тачи и поранешните членови на ДИК да бидат прогласени за виновни во случајот „Титаник 2“.

Обвинителот како отежнувачки околности за Мијалков ги посочи степенот на кривична одговорност, побудите зошто го сторил кривичното дело, фактот што против него се водат други кривични осуди, како и тоа што има правосилна пресуда, а како олеснителни неговото културно однесување и почитувањето на судот.

За Тачи, Бубевски посочи дека Судот треба да ги цени како отежнувачка околност директната умисла за поттикнување и околностите во кои е сторено делото, но, од друга страна, треба да се акцентира неговото почитување на Судот и на Обвинителството.

За поранешните членови на ДИК, како олеснителна околност Бубевски посочи дека не се водат други постапки и не се осудувани, а злоупотребата на нивното знаење и незаконитостите што ги правеле пред очите на јавноста, според него, се отежнувачки околности.

Бубевски побара секој од обвинетите да одговара според степенот на кривичното дело.

Адвокатот на Мијалков, Миле Петровски побара неговиот клиент, како и другите обвинети да бидат ослободени од обвинение. Според него, нема никаков доказ дека Мијалков го сторил делото кое му се става на товар, а тврдењето дека тој го користел своето влијание е конструкција, а не факт потврден со докази.

Вториот бранител на Мијалков, Љупчо Шврговски, изјави дека очекувал Бубевски да го повлече обвинението, бидејќи, според него, обвинителот не треба да ја преиспитува работата на судиите.

– Треба да си ја признае грешката и да го повлече обвинението или вие да донесете ослободителна пресуда. Јас мислев дека јавниот обвинител ќе го направи тоа, но сметам дека вие ќе го направите тоа ќе донесете законита одлука, му порача Шврговски на судијата во процесот Огнен Ставрев.

Обвинетите поранешни членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска негираа вина за изборни нерегуларности до 2013 година. Сите во своите завршни зборови посочија дека работеле стручно и непристрасно, а според нив, обвинителот Бубевски не докажал надвор од разумно сомневање дека тие навистина го сториле делото.

Според обвинението, Мијалков преку Тачи, нарачал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Ибраими, да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

МВР потврди дека се нападнати тројца вработени во М-НАВ, ги нападнале вработен таму и непознати лица

Редакција

Нема старт на преговорите со ЕУ: Блокадата од Бугарија за Македонија останува

Редакција

Осумдневен притвор за професорот од Струга, кој со метален предмет претепа ученик

Редакција