еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Вакцинација, негативен ПЦР тест или антитела – основните елементи нa „Дигиталниот зелен сертификат“ за движење низ ЕУ

Податоци за вакцинација, негативен резултат од ПЦР тест или антитела, се трите основни елементи што треба да ги содржи сертификатот за вакцинација, според потпретседателот на Европската Комисија (ЕК), Маргаритис Схинас, кој во интервју за грчката телевизија ЕРТ, вели дека усвојувањето на предлозите на европско ниво, заедно со техничкиот дел за сертификатот, треба да завршат пред летото, јави дописничката на МИА од Атина.

Откако претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, преку писмото испратено до европските лидери, во петокот најави дека на 17 март е планирано усвојување на законодавен предлог на европско ниво за „Дигитален зелен сертификат“ (Digital Green Certificate), Схинас говорејќи за емисијата „Идикес апостолес“ на државната грчка телевизија, открива детали од фазата на подготовки.

Вели дека постои поклопување на ставовите во однос на потребата од дигитален сертификат што ќе биде европски производ и ист во цела Европа.

– Сметаме дека овој сертификат не треба да има премногу податоци, но дефинитивно треба да ги има следниве три: да покаже дали тој што го поседува е вакциниран или не, да ги покаже резултатите од молекуларниот ПЦР тест и да покаже дали има антитела или бил претходно заболен.

Веруваме дека комбинацијата на овие три елементи е доволна за некој да се движи во Европа, за да може да ја докаже здравствената состојба во која се наоѓа, објаснува Схинас.

Во однос на тоа дали се покренува прашање на дискриминација кон оние кои не се вакцинирани, потпретседателот на ЕК вели дека „живееме во време на криза“ и потребни се алатки кои ги наметнува кризата и додава дека „не се оправдани критиките дека со ова се отвора врата за дискриминации или дека се злоупотребуваат слободите“, бидејќи веќе има пракса за патување се користи вакцинацијата како доказ, а ја споменува Африка како пример.

– Во нашиот случај, како што објаснив, нема да постои само податокот за вакцинација, туку ќе има податок и за ПЦР и за антитела. Па така, Европеецот, во било кој момент ќе може да докаже дека има еден од трите клучеви за мобилност.

Во случај да нема ниту едно од трите, мислам дека е логично да не започне мобилноста, туризмот, ако не се најде во момент кога ќе треба да докаже дека нема да биде опасен за општеството и за останатите, објаснува Схинас.

Додава дека Европската комисија ќе го презентира производот со неговите спецификации, кои ќе бидат исти за цела Европа, но ЕК не одлучува за параметрите на употребата.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Голем удар за антиваксерите: Европскиот суд за човекови права пресуди дека вакцинацијата на деца треба да биде задолжителна

Редакција

НБРМ апелира на внимателност: Непознати лица во име на Народната банка се обидуваат да извлечат корист од граѓаните

Редакција

Што знаеме за вакцината „АстраЗенека“ и колкав е ризикот?

Редакција