Во Црна Гора до денеска се искористени 148.255 дози вакцини против коронавирусот, што значи дека близу една четвртина од населението во земјата е вакцинирано, соопшти црногорското Министерство за здравство.
Како што се наведува, околу 113,5 илјади граѓани примиле прва доза од вакцината, додека скоро 35 илјади Црногорци биле целосно имунизирани.
– Црна Гора вакцинираше поголем процент од своето население отколку Албанија, С Македонија, Босна и Херцеговина и Косово кога станува збор за земјите од регионот и Бугарија како земја-членка на ЕУ, но и повеќе од Украина и Молдавија, се вели во соопштението.
Црна Гора првично доцнеше со набавка на вакцини за своите граѓани, па првите дози на руската вакцина „Спутник В“ ги доби на крајот на февруари како донација од Србија, а подоцна и други 50.000 дози вакцини на „Синофарм“ од Кина и 24.000 дози на „Астра Зенека“ во април, кои Црна Гора ги доби преку програмата Ковакс од ЕУ.
Во втората половина на април, Црна Гора речиси го нормализира животот со ублажување на скоро сите епидемиолошки мерки, додека на почетокот на мај го укина полицискиот час. Сепак, носењето маски на отворено и во затворен простор е сè уште обврска за сите Црногорци постари од пет години.
МИА/Фото: Photo by Spencer Davis on Unsplash