Ова е момент за отрезнување за Македонија, но и за опозицијата. Палењето документи во пленарната сала, туркањето на луѓето кон насилство и поттикнувањето омраза не носат ништо, само штета, оценува еврокомесарот за проширување Оливер Вархеjи во интервју за Еурактив.
Вархеи вели и дека „волјата за проширување се враќа, ние сме подготвени да се движиме брзо“.
Бриселскиот портал наведува дека откако Скопје го реши долгогодишниот спор со соседната членка на ЕУ, Бугарија, Албанија се очекува веднаш да ги започне пристапните преговори. Во однос на Македонија, посочува, таа прво ќе треба да го промени својот устав за да ги вклучи Бугарите, за што го нема потребниот консензус во парламентот.
Ова, се наведува во текстот, ја поттикна националистичката опозиција да организира протести во Скопје, за кои Вархеји вели дека ги преминуваат основните демократски црвени линии.
-За Македонија ова треба да биде момент за отрезнување, но и за опозицијата. Палењето документи во пленарната сала, туркањето на луѓето на насилство и поттикнувањето омраза не носат ништо, само штета.
Постојат многу јасни граници за европскиот начин на водење политика, многу јасни граници за цивилизираната политика, а моја проценка е дека многу од тие црвени линии беа поминати од опозицијата, додаде еврокомесарот.
Во исто време, тој посочи дека „Албанија покажа вистинска солидарност со С Македонија и зрелост во разбирањето дека земји-членки сакаат двете држави да одат напред“, но додава дека Тирана сега може да продолжи и сама.
Целиот процес на проширување се заснова на заслуги, вели Вархеји, а сега трката е во тек, кој и да испорача прв, треба да има право да се приклучи прв.
-Она што е важно е дека ако тие испорачуваат брзо, ние сме подготвени да се движиме брзо, (…) и бидејќи сега сме одговорни, конечно, брзината ќе биде многу, многу поразлична, рече Вархеји, додавајќи дека Комисијата ја започна процедурата за скрининг веднаш откако земјите-членки дадоа зелено светло минатата недела.
Во интервјуто Вархеји оценува дека војната на Русија против Украина ја отрезни дебатата околу процесот на проширување на ЕУ и ја покажа потребата за забрзување на процедурите, суштински запрени од претходната Комисија.
Кандидатскиот статус на Украина и Молдавија како сигнал за солидарност како одговор на руската агресија и зеленото светло за почетокот на долго одложуваните пристапни преговори со Македонија и Албанија, според него, е „можеби единственото позитивно влијание на војната во Украина, бидејќи ја отрезни дискусијата околу проширувањето, како и капацитетот за апсорпција на ЕУ“.
МИА/Фото: Влада