еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Вечерва во МСУ – Скопје се отвора изложбата „Пејзаж на вознемиреност“

Вечерва во МСУ – Скопје ќе се отвори изложбата „Пејзаж на вознемиреност“ (култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени), која се однесува на климатските состојби и еколошки предизвици и ќе се отвори вечерва, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје.

Пејзажот на вознемиреност се однесува на промените во животната средина, кои генерираат ургентни состојби преку екстремните временски услови, губење на биодиверзитетот, девастираната животна средина, неконтролирани траектории на експлоатација на основните ресурси, како водата и воздухот, глобален раст и несакани миграции.

Учесници на изложбата се: Тихомир Топузовски, Ивана Васева, ОПА (Опсесивно посесивна агресија) – Денис Сарагиновски и Слободанка Стевческа, Ивана Мирчевска, Дарко Алексовски, Никола Узуновски, Зорица Зафировска, Кирил Арсовски, Биљана Гаревска и Дарко Базерко.

„Делата од оваа изложба се резултат на соработка помеѓу уметници, експерти, активисти, формални и неформални здруженија, институции, овозможувајќи видливост, предлагајќи или поттикнувајќи решенија, или претставуваат форми на активизам кои ја инволвираат јавноста околу постоечките проблеми и предизвици“, велат кураторите Топузовски и Васева.

Во рамки на отворањето на изложбата, во 20.15 часот, во фоајето на музејот, со уметницата Зорица Зафировска ќе биде реализирана наративна тура со 5 видеа под наслов „Тура на немир“.

„Турата на немир“ нè води на наративно патување, во кое ќе се увидат состојбите на нашите природни богатства, реката Вардар, споменикот на природата Матка и парк-шумата Водно, потоа ќе се увидат штетите предизвикани од првенецот на органско-хемиската индустрија гигантот „ОХИС“ – Скопје и други градски загадувачи, но, исто така, нè поканува да бараме решенија, да учиме и да ги применуваме еко-праксите на Општествената градина „Бостание“. Оваа тура отвора низа од прашања, меѓу кои: Дали и на кој начин, оваа тура може да предизвика и развие акција за учество или отсуство на неа, која како предзнак и условеност ги има заедничките добра: животната средина, биодиверзитетот и локалната заедница?

Нараторка на турата е Симона Димковска и сниматели се: Фејми Даут, Тони Стојановски, Иван Поповиќ, Љубомир Домазетов, Нино Ниноски, Кирил Шентевски, Дејан Тодоровски и Сашо Петровски.

Монтажер е Андреј Ристески. Турата се реализира во соработка со Ана Алексовска, Институтот за комуникациски студии и Кокос продукција.

Во рамки на изложбата ќе следува и јавна програма која ја отвора Адам Ночек, професор по Филозофија на науката и технологијата од Државниот универзитет Аризона во САД на 12 март (недела) во 12 часот.

Изложбата е дел од истоимениот проект кој подразбираше шестмесечно истражување и се одвиваше на неколку локации низ земјава како Велес, Битола, Преспа и Скопје во соработка со членови на еколошко друштво од Велес „Вила Зора“, иницијативата „Битола на Точак“, јавната институција Национален парк Галичица и Природонаучниот музеј.

Во рамки на истражувањето се дискутираше за можни соработки, користење на уметнички пристапи и методлогии преку кои ќе се влијае до соодветните институции за решавање на низа ургентни проблеми.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Поранешниот советник на Путин, Витали Мански е претседател на жирито на македонскиот фестивал „Киненова“

Редакција

(Фото) Пуштен во употреба нов велодром во Градски парк

Редакција

(Фото) Новата Мис на Медитеранот е Мија Стерјовскa

Редакција