На 26-тото издание на „Златна бубамара на популарноста“, Венко Андоновски беше прогласен за Најпопуларен писател за 2022 година.
Оваа награда тој ја посвети на својот издавач, Издавачки центар ТРИ.
„Би сакал таа награда да ги краси полиците на мојот издавач, на браќата Саздови и целиот тим, кој е и најзаслужен за пласманот и маркетингот на мојот најнов роман „Папокот на светлината“.
Да се организира онаква промоција каква што тие организираа во Киното ‘Милениум’, значи да се имаат одлични менаџерски и маркетиншки способности. Да се продадат две илјади примероци за три месеци и веќе да се подготвува трето издание – тоа го може само издавач кој се грижи за своите автори и нивното промовирање. Тие се грижеа за мојата популарност, и затоа наградата им ја посветувам ним,“ изјави Андоновски.
Од ТРИ со голема радост му се заблагодаруваат на Венко Андоновски за неговиот придонес во литературата и му посакуваат уште многу дела и награди.
„Папокот на светлината“ за многу кус период се искачи на листата најпродавани книги на ТРИ за изминатата година и допрва се очекува да се закитува со нови признанија.
„Златна бубамара на популарноста“ секогаш собира голем број успешни личности од земјата и регионот и е настан што често се прераскажува. Оваа година на омилената манифестација своето место сосем заслужено го зазеде и Венко Андоновски.
Романот што го предизвика ова внимание ги надминува сите очекувања, а авторот оправдано е во фокусот на културната сцена, ветувајќи нови книжевни и уметнички искуства.