Скопје денеска обележува 58 години од катастрофалниот земјотрес, кој се случи на 26 јули во 1963 година.
Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518 година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 до 11 степени. Катастрофалниот земјотрес наполно го уништил Скупи. За време на потресот биле создадени многу пукнатини во земјиштето. Од околните ридови се урнале големи маси карпи.
Скопје потоа бил изграден на денешното место.
И новиот град не бил поштеден од сеизмички појави. Наредниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година. Неговата јачина изнесувала околу 10 степени, по што градот вторпат бил разурнат.
Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред 58 години, на 26 јули 1963 година, кога Скопје беше погодено од земјотрес со јачина од девет степени по Меркалиевата скала или шест според Рихтеровата со епицентар на плоштадот „Македонија“.
Во рубриката на еМагазин, Ретро, Ве потсетуваме на посетата на тогашниот југословенски претседател, Јосип Броз Тито и на Никита Хрушчов, првиот секретар на Комунистичката партија на тогашниот Советски Сојуз.
МИА/еМагазин/Фото: МИА/видео: Makedonier/You tube