еМагазин
Image default
ДОБРОСОСЕДСТВО ТОП СТОРИИ

(ВИДЕО) Ние сме тука за да ја релаксираме атмосферата и да ја обновиме довербата, порачаа Пендаровски и Радев од скопскиот аеродром

Како можност за обновување на дијалогот и довербата и за зајакнување на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија во духот на Договорот за соработка, пријателство и добрососедство, ги оценија претседателите Стево Пендаровски и Румен Радев заедничкото патуваење за Рим и Ватикан и заедничкото чествување на Светите браќа Кирил и Методиј.

Радев, кој ја предводи бугарската делегација, околу пладне слета со бугарскиот државен авион на Меѓународниот аеродром – Скопје, за да ја земе македонската делегација, предводена од Пендаровски и заедно потоа да се упатат кон Рим.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(ВИДЕО) Како Пендаровски го пречека на скопскиот аеродром бугарскиот претседател Радев

Двајцата претседатели имаа куса средба на скопскиот аеродром, од која, како што посочи Пендаровски во изјавата по неа, немало конкретен исход, туку била воведен разговор за престојните активности, но и за случувањата на релација Скопје-Софија изминатите денови.

Ретроспектива на она што се случувало изминатите два-три дена во Брисел направиле двајцата претседатели на средбата, но како што напомена Пендаровски оперативно разговорите за спорот ги водат владите на двете земји.

-Така ќе биде и понатаму, а ние сме тука за да ја релаксираме атмосферата, да говориме со еден поинаков јазик и да ја обновиме довербата, рече Пендаровски.

Додаде дека во текот патувањето ќе имаат уште можности за разговор со Радев и за време на престојот и на враќање од Рим, а фокусот ќе биде на актуелните прашања во рамки на билатералните односи меѓу двете земји.

Радев, пак, изрази благодарност до, како што кажа, неговиот колега и пријател Пендаровски за денешното гостопримство.

-Сакам да споделам дека заедничкото патување и оддавање почит на Светите браќа Кирил и Методиј е прекрасен повод да го обновиме дијалогот на нашите две земји на највисоко ниво и да ја изразиме нашата заедничка волја за развој на нашите односи во духот на соработката, пријателството и добрососедството, истакна бугарскиот претседател во кусата изјава на скопскиот аеродром.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ќе имаат само една заедничка активност: Пендаровски и Радев денеска заедно ќе патуваат за Рим

Двајцата претседатели утре ќе ја посетат базиликата „Санта Марија Маџоре“ и заеднички ќе им оддадат почит на Светите браќа Кирил и Методиј. Тие ќе положат цвеќе пред пред спомен плочата во чест на Свети Кирил и Методиј.

Положувањето цвеќе во спомен на сесловенските просветители на плочите на македонски и бугарски јазик и воопшто заедничката посета и заедничкото патување на двете делегации се оценува како чекор кон затоплување на климата меѓу двете земји и тоа во момент кога на маса е ставен португалскиот предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија и за одблокирање на процесот на евроинтеграција на Северна Македонија.

Претседателот Пендаровски денеска попладне во Рим ќе оствари средба со италијанскиот претседател Серџо Матарела, по што ќе даде изјава за медиуми.

Во рамки на посетата за денеска е планирано и потпишување на Договор за соработка меѓу Медиумската информативна агенција и Бугарската информативна агенција. Договорот ќе го потпишат директорите на МИА и БТА, Драган Антоновски и Кирил Волчев, а на потпишувањето ќе бидат присутни и претседателите Пендаровски и Радев.

Шефот на државата утре ќе има аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црквата, папата Франциск, а ќе оствари средба и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин. Потоа, претседателот Пендаровски во базиликата „Сан Клементе“ ќе положи цвеќе на гробот на Свети Кирил.

МИА/Фото/видео: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

До петок променливо и нестабилно, од сабота постепена стабилизација на времето

Редакција

Администраторот и креаторот на „Јавна соба“ повикани во полиција, МВР ќе поднесе кривична пријава

Редакција

Угина последната жирафа во скопската Зоолошка градина

Редакција