еМагазин
Image default
Забава

(ВИДЕО) Отворен фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“

Симболичниот поздрав на екипата на МакеДокс со високо крената главица кромид во рацете го означи почетокот на филмската програма на 12. издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Годинава фестивалот ќе трага по одговор на прашањето „Што сега?“, а се очекува селектираната филмска програма да понуди широк спектар на одговори.

„И дури копнееме да видиме како се разлистуваат крошните другде, неминовно се прашуваме накаде одиме – секој одделно и сите заедно. Но, прво мора да се сетиме каде бевме – и да им се навратиме на корените за да се потсетиме што ни даде сила да стигнеме дотаму“, загатнува екипата на МакеДокс на почетокот на фестивалот, а првиот чекор што го презема беше враќањето во своето фестивалско гнездо – Куршумли ан во Старата скопска чаршија.

На првата вечер беа прикажани краткиот документарен филм „Џукели“ (Канада, 2019, 18 мин.) на Халима Уардири и документарниот филм „Луѓето од гаражите“ (Германија, 2020, 93 мин.) на сценаристката и режисерка Наталија Јефимкина, која е гостинка на фестивалот. Публиката со особено внимание го проследи и разговорот со Јефимкина по проекцијата на филмот, а беа поставувани и прашања околу продукцијата на филмот.

– Иако документарецот е реализиран во германска продукција, сепак станува збор за руски филм – одговори режисерката пред љубопитната публика и објасни дека од првичната идеја до финалната верзија изминале четири години работа, најмногу во однос на собирањето на финансии за продукцијата. Филмот ги следи животните патишта на луѓе што работат или живеат во гаражи кои ги има околу сите поголеми руски градови.

Музички колорит на првата вечер на 12. МакеДокс даде настапот на Добрила и Дориан Дуо во рамките на сегментот „МакеДокс: Ноќни приказни“.

Од втората вечер и во текот на викендот во функција ќе бидат ставени сите четири фестивалски локации. Во Музејот на современата уметност ќе се одвива програмата за деца и младинци.

Во Куршумли-ан на 20 август ќе биде отворена програмата на земјата во фокус – Украина. Филмовите од Главната програма Нови автори, Кратки документарци и Студентската програма ќе се прикажуваат на филмските платна во Куршумли-ан, Плато пред Куршумли-ан (Музеј на РСМ) и во МКЦ Парк.

Дванаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Град Скопје, Гете институт Скопје, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Украина во Република Северна Македонија, Здружение на Украинци во Република Северна Македонија во име на Лесја Украинка, Норвешка амбасада Белград, Норвешки филмски институт, Француски институт Скопје, Амбасада на Кралството Шпанија, УНИЦЕФ, СПОНА, Амбасада на Република Чешка и Чешки културен центар Софија.

Партнери на 12. МакеДокс се „Петра Пан филм продакшн“, Младински културен центар, Кинотека на РСМ и мрежата на документарни филмски фестивали „Doc Around Europe“.

Медиумски покровители на 12. МакеДокс се Слободен печат, Нова Македонија, МТВ – Прв програмски сервис, МКД.мк, УМНО, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Плагиј.ат, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Его, Поп-ап, Види Вака и Гледај.мк.

Сите програмски активности на фестивалот ќе се одвиваат според протоколите што важат од 18 август 2021 година.

Согласно протоколите, нема да можеме да одобриме влез во фестивалскиот простор доколку не биде ставен на увид сертификат за вакцинираност.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Сара Мејс во свежо, уникатно и впечатливо издание за новиот видео запис за песната „Очи Вселена“

Редакција

(Фото+Видео) „Торнадо“, нова песна и спот на Тамара Тодевска

Редакција

(Фото) Каролина Гочева прекрасна на снимањето на новиот спот

Редакција