Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган соопшти дека турската војска денеска почна воена операција на северот од Сирија. Како што наведе, воената операција го носи името „Извор на мирот“ (“Barış Pınarı”, односно “Peace Spring”), пренесуваат агенциите.
Со операцијата „Извор на мирот“ ние ќе ја отстраниме заканата од тероризам. Благодарение на безбедносната зона која ќе ја воспоставиме, ќе обезбедиме враќање на сириските бегалци во нивната земја. Ќе го заштитиме тероторијалниот интегритет на Сирија и ќе ги ослободиме жителите на регионот од канџите на теророт, напиша Ердоган на својот профил на Твитер.
Турската телевизија ТРТ јави дека турските воени авиони почнаа со бомбардирање на позициите на курдската милиција во стратешкиот северен сириски град Тал Абјад. Турските единици, стационирани на околу шест километри од Тал Абјад, целат складишта за муниција, соопшти ТРТ, покажувајќи снимки, на кои се гледа како се издигнува чад од областа.
Портпаролот на курдските сили Мустафа Бали изјави денеска дека турските авиони почнале да напаѓаат „цивилни подрачја“ во северниот дел на Сирија. Тој на Твитер објави дека нападите предизвикале „огромна паника меѓу луѓето во регионот“.
Официјална Анкара неколку дена ја распоредуваше војската околу границата со Сирија за напад против курдските борци, кои пак во борбата против терористичката Исламска држава беа поддржани од САД. Но американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ја повлече американската војска од регионот за Турција да може да ги спроведе планираните напади врз Курдите, кои во Турција се сметани за терористи.
По почетокот на акцијата, веднаш почнаа да пристигнуваат реакции од меѓународната јавност, кои побараа Турција да запре со воздушните напади.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на Твитер изрази надеж дека турските власт ќе бидат „воздржани“ во воената операција во северниот дел на Сирија.
-НАТО е информиран од турските власти за операцијата која во тек во северна Сирија. Сметам на Турција да делува воздржано и да се осигура дека победите кои ги издејствуваме во борбата против ИСИС (Исламска држава) нема да бидат доведени во опасност. Ќе разговарам за ова прашање со претседателот (Реџеп Тајип) Ердоган в петок, напиша Јенс Столтенберг.
Претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер, пред Европскиот Парламент во Брисел побара од турските власти веднаш да и стават крај на операцијата во Сирија.
-Турција мора веднаш да ја запре воената операција која е во тек, таа нема да донесе никакви резултати. Ако планот на Турција е да создаде безбедносна зона не очекувајте финансии од Европската Унија, изјави попладнево Јункер.
Американскиот Конгрес ќе се потруди турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган скапо да ја плати офанзивата во Сирија против курдските сили, сојузници на Вашингтон, предупреди денеска влијателниот републикански сенатор Линдзи Греам.
„Молете се за нашите курдски сојузници, кои срамно ги напушти администрацијата на Трамп“, напиша тој на Твитер. „Ќе вложам напори во Конгресот Ердоган тоа многу скапо да го плати“, додаде овој сенатор кој вообичаено го поддржува претседателот Трамп.
„Конгресот мора да стави до знаење дека Турција ќе плати висока цена ако ги нападне сириските Курди“, рече Ван Холен, осудувајќи ја „одлуката на Трамп да ги предаде“ Курдите.
Советот за безбедност на ОН утре ќе одржи седница зад затворени врати, на која ќе разговара за ситуацијата во Сирија, истакнаа неименувани дипломати. Расправа на 15-те земји членки на СБ на ОН за ситуацијата во Сирија побараа пет европски членки – Велика Британија, Франција, Германија, Белгија и Полска.
Државната секретарка за европски прашања во француското Министерство за надворешни работи Амели де Моншален рече дека трите држави финализираат заедничка изјава со која „силно ја осудуваат“ турската офанзива, но дека сè уште не е договорено посебно соопштение на ЕУ, бидејќи некои земји сè уште не се вклучиле.
Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон денеска се сретна со портпаролот на Сириските демократски сили, групацијата која ги предводи Курдите во оваа земја, Џихан Ахмед, за да му изрази солидарност со нив и нивната борба против таканаречнета Исламска држава, сооопштено е од кабинетот на Макрон.
Состанокот, наведуваат британските медиуми, бил можност да се повтори пораката дека Франција и натаму е многу загрижена заради напредокот на турската воена операција во Сирија.
МИА/Видео: DW