Основниот кривичен суд Скопје во случајот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување и уништување на опремата од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) денеска изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица.
На поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, Судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.
Судот на поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, во отсуство им изрече казна затвор од по 15 години.
Обвинетата поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска доби четири години казна затвор за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски е осуден на шест години затвор за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“, а началничката Надица Николиќ доби казна во траење од три години затвор за кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Судот им изрече условни затворска казна од две години на обвинетите Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски, Силвана Златкова и Васил Исаковски, за сторено кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување”.
За обвинетата Валентина Симоновска Судот изрече условна казна затвор од две години за кривичнoто делo „фалсификување службена исправа“.
Обвинението за случајот е поднесено од тогашното Специјално јавно обвинителство на 30.06.2017 година и обвинителниот акт е прифатен во целост против 12 лица.
Судијката Џенета Бегтовиќ денеска посочи дека последно обвинетата Елена Џиланова, го признала делото „помагање на сторител по извршено кривично дело“, за што добила условна шестмесечна затворака казна, во раздвоена постапка.
Судскиот процес започна на 22.12.2017 година против 11 лица. Во текот на постапката се одржани 53 рочишта, на кои се сослушано 123 сведоци, изведени 887 материјални докази и пет вештачења.
Сослушани се и голем дел од над 200 оштетени лица.
Претходно, судијата Владимир Туфегџиќ во обрзложението на пресудата рече дека масовноста на прислушувањето и самите жртви ја покажуваат потребата на самото прислушување, а тоа е да се воспостави целосна контрола на општествениот, економскиот и политички систем.
„Особена тежина на целото прислушување е уништувањето на самата опрема, по објавувањето на самото масовно прислушување. Опремата е уништена со умисла и со тоа се уништени доказите за делото“, рече Туфегџиќ.
Оваа кривична постапка, нагласи Судот, има големо значење за системот во целина и особено треба да служи како опомена за органите како УБК да не се повторат ваквите случувања во иднина.
Пресудата за „Таргет-Тврдина“ ќе биде првостепена, а странките ќе имаат право на жалба до Апелацискиот суд.
МИА/Фото: МИА