Владата на денешната седница донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за банките за време на вонредна состојба со која се утврдува дека за поставување ред и дисциплина при влез во и излез од внатрешноста на деловните единици или простории на банките и штедилниците во кои се примаат клиенти, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба.
Според оваа уредба банките и штедилниците се должни да обезбедат редарска служба при влезот во и при излезот од објектот, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и внатре во објектот, да обезбеди спроведување на задолжителна дезинфекција на раце при влез во објектот и да не дозволи влез во објектот на лица кои не носат заштитна маска, марама или шал со кои ќе бидат покриени устата и носот.
„Банките и штедилниците се должни да постават соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на корисниците пред и внатре во објектот на растојание од најмалку два метра и тоа пред секој шалтер на кој корисниците пристапуваат за вршење финансиски услуги, како и во дијаметар од 10 метри пред влезот на објектот“, соопштија од Владата.
Согласно оваа уредба банките и штедилниците се должни на вработените лица кои работат во објектите или имаат контакт со клиенти да им обезбедат заштитна опрема (ракавици и маски) кои се должни да ги носат во текот на целото работно време.
Уредбата определува дека во банките и штедилниците во исто време, заедно со вработените, не смее да има повеќе од 5 лица во просторија до 50 квадратни метри, повеќе од 10 лица во просторија од 50 до 100 квадратни метри, повеќе од 15 лица во просторија од 100 до 200 квадратни метри и повеќе од 20 лица во просторија над 200 квадратни метри.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Се враќа осумчасовното работно време во Владата и министерствата
Нови правила за работа на компаниите кои даваат поштенски услуги
Влада: Најмногу по едно лице на 20 квадрати при пазарување во трговските објекти