еМагазин
Image default
Бизнис

Владата потпиша договор со компанијата ЕјџТек Груп, со државна помош ќе се отвораат 300 нови работни места

Согласно Законот за контрола на државна помош за петгодишен инвестициски проект започнат во јуни 2021 година, со вредност од 4,5 милиони евра, Владата потпиша договор со компанијата ЕјџТек Груп (HTEC), каде ќе се отворат 300 нови работни места во Македонија.

На денешниот настан по повод потпишувањето на договорот, премиерот Димитар Ковачевски, истакна дека поддршката на компаниите во времиња полни со предизвици е од клучна важност.

„Така им овозможуваме на компаниите да влезат во инвестициски процеси, а сето тоа доведува до забрзан економски раст на државата, раст на БДП, како и етаблирање на С Македонија на глобалните пазари во Европа и светот.

Граѓаните овде имаат капацитет, имаат вештини и знаење и драго ми е што ова го препознал менаџерскиот тим на ЕјџТек, за токму овде, во нашата земја, да основат нов развоен и истражувачки центар во кој е предвидено да се вработат инженери и дизајнери за развој на нов високо технолошки софтвер, дигитализација и создавање на високо-технолошки производи,“ рече тој.

Премиерот дополни дека со отворање на вакви работни места им се нуди перспектива на младите, да останат да работат и да инвестираат со труд и знаење во сопствената држава, и во исто време, како што рече, „да бидат европски платени“.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ја истакна важноста од поддршката за компаниите за отворање нови добро платени работни места.

„Веќе започнаа исплатите за државна помош за компаниите по Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Оваа година поддржуваме рекордни 417 компании, а секоја година го зголемуваме и буџетот за поддршка, оваа година ќе бидат исплатени 1,7 милијарди денари.

Со моето доаѓање на оваа позиција во 2020 година, за првпат и покрај ковид кризата, имавме 100 проценти исплата на државната помош и продолжуваме и оваа година, како и минатата година, што ја потврдува нашата посветеност кон нив и нашата намера да продолжиме да ги поддржуваме,“ рече Битиќи.

Директорот за финансии на компанијата Мирослав Вирајевиќ, истакна дека ЕјџТек Груп (HTEC) продолжува со амбициозните планови за инвестиции во регионот на Југоисточна Европа.

„ИТ секторот во С Македонија е еко-систем кој постојано расте, а HTEC Group е посветена на натамошно придонесување на неговиот раст и развој. Нашиот тим во Скопје се состои од повеќе од 130 експерти и според Договорот за државна помош со Владата во следните пет години ќе се вработат уште најмалку дополнителни 170 лица,“ рече тој.

Вирајевиќ информираше дека во следните пет години ќе инвестираат вкупен износ од најмалку 4.500.000 милиони евра во Македонија.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нема промена на цената на бензините и дизелот, РКЕ ја намали цената на екстра лесното

Редакција

Од септември повисоки цени на дел од поштенските услуги

Редакција

Од денеска нова цена на мазутот, цените на бензините остануваат исти

Редакција