Скромно и без поголеми свечености, во согласност со здравствените протоколи, членовите на здружението „Јосип Броз Тито“ од Кочани денеска го прославија 25 мај – роденденот на нивниот патрон и некогашен ден на младоста.
Со знамиња, фотографии и натписи посветени на поранешната заедничка држава – Југославија, тие се собраа пред седиштето на Здружението во Градскиот пазар, каде евоцираа сеќавања на периодот од пред три и повеќе децении.
Традицијата ја продолжија по десетти пат, во услови што ги овозможува актуелната здравствена ситуација, откако минатата година целосно ја откажаа планираната прослава.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(ВИДЕО) Како порано се славеше Денот на младоста и роденденот на Тито
-Празничната програма годинава е целосно изменета и скратена затоа што ги почитуваме протоколите и препораките за заштита од коронавирусот. Тоа значи дека го откажавме вообичаеното дефиле по градските улици со рачно носење на штафетата на младоста.
Нема ниту свечена програма во центарот на градот, а ќе изостане и традиционалното дружење на излетничкото место Кај Дабот во селото Бели. Се надеваме дека од идната година состојбата ќе се подобри и непречено ќе можеме да го одбележуваме еден од најубавите празници во поранешната СФРЈ, истакна Трајан Трендов, претседател на здружението „Јосип Броз Тито“.
Кочанските титовисти имаат околу 200 повозрасни приврзаници, но Трендов нагаласи дека има интерес за зачленување во здружението, дури и меѓу младите, кои се родени во постјугословенскиот период.
Колоната со возила, накитена со знамиња и фотографии, им отпоздравуваше на минувачите по улиците во Кочани, а дефилето имаше скратена маршрута.
МИА/Фото: МИА