еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Во Македонија „протнати“ генетски модифициран ориз и соини шницли

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) открила дека во Македонија се увезени два генетски модифицирани производа, ориз и соини шницли и трошки без да бидат декларирани.

И кај пченка за пуканки биле утврдени генетски модификации, но само со првичната анализа. Втората, суперанализа, направена во референтна лабораторија, била негативна. Покажала дека пченката не е генетски модифицирана.

Како што изјави за МИА директорот на АХВ Зоран Атанасов, контролите се спроведени во мај годинава, а некои од анализите се уште се вршат.

Пченката за пуканки е од Аргентина, соините шницли и трошки се од Србија, а оризот е произведен од увезено генетски модифицирано семе. Сите се најдени во магацини на оператори со храна и не биле пуштени во малопродажба, освен дел од соините трошки и шницли кои се веќе повлечени и се под официјален надзор.

– Со новите програми и системот на контроли утврдивме дека се пуштени три производи со присуство на ГМО, а не биле декларирани. Ги најдовме во продажба при спроведување на редовните контроли за безбедност на храна. За мострите земени од соините трошки (1.320 пакувања од по 200 грама) и соините шницли (1.270 пакувања по 200 грама), првичниот резултат е позитивен. Се чека резултатот од втората анализа што се прави во референтна лабораторија. Производите се увезени од соседна Србија. До добивање на резултатот, целата количина од соини шницли и трошки од истиот лот што се наоѓал во магацинот на операторот, е ставена под официјален надзор, а остатокот што бил пуштен во промет е повлечен. Позитивен на ГМО е наодот за земената мостра ориз за која операторот не побарал суперанализа, објаснува Атанасов.

Во врска со оризот, директорот информира дека станува збор за 550 килограми.

– Оризот е  произведен од увозно семе и најден во магацин на операторот. Ставен е под официјален надзор и ќе биде уништен. На операторот со храна му е изречена парична казна, 5.000 евра во денарска противвредност за субјектот и 1.700 евра за одговорното лице, вели Атанасов. 

Македонија се уште не дозволува увоз на храна со ГМО или генетски модифицирани производи.

На прашањето дали јадеме безбедна храна, Атанасов е дециден – потрошувачите треба да бидат сигурни во тоа.

– Македонија консумира безбедна храна. Тоа го потврдува и фактот дека од август минатата година до денес се пријавени само три алиментарни токсикации (труења со храна). Тоа се случаите „Седмица“, „Леар“ и последниот, со свадбарите во Штип. Би сакал заштитата да биде стопроцентна, но според законот, одговорноста за безбедноста на производите ја сносат операторите. Агенцијата е контролен механизам за тоа дали тие ги исполнуваат пропишаните критериуми и стандарди, потенцира директорот.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Вкупно 285 заболени од корона вирусот: Регистрирани 26 нови случаи, дел работеле во Скопје а живееле во друг град

Редакција

Се уште се трага по возачот и евентуални патници од возилото кое падна во Вардар кај Желино

Редакција

Кои се петте акции од Македонската берза со најголем пораст на вредноста?

Редакција