Безбедносните прашања секогаш биле важна тема, а неизбежно, најактуелно безбедносно прашање на денешнината е руската агресија врз Украина која тектонски ја поремети стабилноста на Европскиот континент кога мислевме дека по падот на Берлинскиот ѕид сме навлезени во период на долгорочен мир и стабилност.
Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски во видео обраќање со кое ја отвори 13-та Меѓународната научна конфренција во Струга „Образовни предизвици и перспективи на безбедноста“, организирана по повод 45 години високо образование во областа на безбедноста.
-Уште во 2014-та по анексијата на Крим беше јасно дека пред европската безбедносна архитектура има значајни предизвици, но, реално никој не очекуваше директна воена агресија врз една независна и суверена земја каква што не е видена од завршувањето на втората светска војна.
Ние ја осудивме руската агресија врз Украина и дадовме целосна поддршка на украинскиот народ во одбрана на својата независност која вклучуваше не само политичка, туку и конкретна техничка помош и воена опрема. Споредено со нашите капацитети и големина, припаѓаме во групата на земји кои најмногу ја помогнаа Украина во нивната праведна одбрана од агресијата.
Тоа го направивме не само затоа што сме членка на НАТО, туку затоа што веруваме во принципите на меѓународното право кое не дозволува воена агресија на една земја врз друга, рече Пендаровски.
Според него, војната во Украина донесе редица предизвици на многу полиња со кои светот, а, посебно Европа мораат да се соочуваат. Најголем предизвик е и допрва ќе биде, вели, енергетската криза, потоа безбедносните предизвици од трети страни или тн. малигни актери кои посакуваат дестабилизација на Балканот, но и растот на инфлацијата, дезинформациите и популистичките реторики кои се засилуваат користејќи го видливиот застој во евроинтеграциите на Западниот Балкан.
МИА/Фото: Кабинет на претседателот