Во соработка со Министерството за внатрешни работи, во секое маало во Општина Центар се враќаат полициските редари-позорникари, соопшти градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Тој во присуство на двајца полициски службеници и инспектор за превенција на криминалитет при СВР Скопје рече дека со овие маалски патроли, кои се враќаат најпрво во Општина Центар, ќе се зголеми безбедноста и спокојот на граѓаните.
-Враќањето на позорникарите во маалата беше барање, но и реална потреба за граѓаните и мило ми е што со МВР успеавме да го реализираме. Отсега секое маало во Општина Центар ќе биде покриено со еден до двајца позорникари кои ќе патролираат и ќе ги заштитуваат граѓаните.
Доколку ги сретнете низ вашето маало запознајте се и побарајте совети како да го заштитите вашиот дом од кражби, кои се сѐ почести во летниот период. Во минатото маалските полицајци беа симбол на безбедноста во едно маало, а родителите беа сигурни да ги пуштаат децата на улица безгрижно да играат.
Се надевам дека оваа сигурност повторно ќе ни се врати, затоа што полицајците позорникари ќе бидат нашите пријатели – заштитници, рече Герасимовски.
Фото: Општина Центар